(ВИДЕО)Шкариќ: Итно да се промени кривичниот законик и да се направи разлика помеѓу помилувањето и амнестијата

0
733

Уставниот суд денеска го усвои текстот на решението за иницијативата за помилување на осуденици за изборни измами. Како што информираат извори од Уставниот суд, сега ќе се чека мислење од Собранието, а во следната фаза, судијата известител ќе поднесе предмет, за кој уставните судии треба да одлучат дали ќе го уважат или ќе го отфрлат предлогот. Професорот по Уставно право Светомир Шкариќ е изненаден од постапките на Уставниот суд.

„Законот за помилување, каков што е донесен во 1993, а потоа дополнет во 2009 година, целосно е во согласност со Уставот. Наспроти тоа, Уставниот суд изгледа решил одредбите што тој смета дека се спорни, а се донесени во 2009 година, да ги укине. Ако ги укине и донесе таква одлука, мора да им биде јасно на уставните судии дека флагрантно го кршат Уставот и затоа треба да понесат одговорност.“, изјави Шкариќ за ТВ 21.

Одлуката која би можеле да ја донесат уставните судии според Шкариќ нема многу да му помогне на шефот на државата.

„Шефот на државата е должен да го почитува Уставот, не законите. А Уставот, изрично овозможува со закон да се прави одредено ограничување. Уставот прави разлика помеѓу амнестија и помилување и претседателот на државата мора таа разлика да ја почитува.  Ако не го почитува Уставот, тогаш и тој ќе биде зрел за импичмент.“, изјави Шкариќ.

Шефот на државата како што објаснува професорот , може како и неговите претходници Трајковски и Црвенковски, лицата кои ќе бидат обвинети од страна на СЈО да ги аболира, односно како што вели Шкариќ   да го попречи СЈО, да  поднесе  обвинителен акт против одредени сторители на кривични дела.

„Значи сите сторители на кривични дела од областа на кривичното законодавство можат да бидат аболирани ако СЈО ги обвини. Шефот на државата може да ги аболира, односно да ги ослободи од кривично гонење и на тој начин да не се направи ништо во подобрување на изборното законодавство. Ефектите на СЈО на овој начин ќе бидат елиминирани. 06.53 Затоа и брзањето на Уставниот суд да му се отвори простор на шефот на државата да постапи така како што постапиле неговите претходници.“, рече Шкариќ.

Шкариќ советува итно да се промени кривичниот законик и да се направи разлика помеѓу помилувањето и амнестијата. Инаку и партиите излегоа со соопштенија. ВМРО ДПМНЕ како што стои во нивното соопштение, останува на истиот став околу законот за помилување како и во 2009 година. Во соопштението на СДСМ е наведено дека срамната одлука на Уставниот суд, како што ја нарекуваат, не може и нема да го заштити Никола Груевски и неговите соработници од изборниот криминал.

Извор: ТВ 21