(ВИДЕО)Шекеринска: Помалку предмети, повеќе знаење!

0
1192

Изјава за медиуми на Радмила Шекеринска, Заменик претседателка на СДСМ:

Ќе ги намалиме бројот на часови и на предмети во основно и во средно образование, а фокусот ќе го ставиме на математичките и на јазичните вештитни кај децата во Република Македонија.

Денеска децата и во основно и во средно училиште се преоптоварени со многу содржини и многу предмети. На пример, едно дете на 13 години, треба да биде добро и да се концентрира на околу 14 предмети коишто се задолжителни, и на до 3 изборни предмети. Ќе се сложите дека е тоа премногу. И дека заради тоа тешко е да се покрие тој материјал и во училиште, а уште потешко станува кога доаѓаат дома и кога бараат помош од своите родители кои мора да станат научници, да бидат добри во секоја област и да се справат со својата домашна задача.

Резултатот на сево ова е површно знаење, слабо знаење, многу нервози и многу незадоволство, и кај учениците, и кај родителите, а и кај наставниците.

Затоа сметаме дека на македонското образование му треба темелна реформа, потребно е фокусот да го ставиме на оние вештини коишто ќе им помогнат на децата и на учениците, и полесно да дојдат до работа, а тоа е математиката и познавањето на неколку странски јазици.

Ние сметаме дека ваквата реформа ќе вроди со плод, и ќе направи подобро образование, но и повеќе шанси на сите овие деца утре да дојдат до квалитетна работа.

Денеска, и на домашниот, и на меѓународниот пазар на труд, не е доволен дури ниту еден странски јазик да знаете, потребно е и повеќе странски јазици да знаете, потребно е многу математика, потребно е многу разбирање на различни проблеми со коишто се соочуваме во секојдневниот свет.

Затоа нашето мото е дека на Македонија и се потребни мотивирани ученици, на Македонија и се потребни задоволни наставници, и исто така родители коишто ќе знаат дека нивните деца добиваат најдобро можно образование коешто ќе овозможи да си ја градат својата иднина во Република Македонија.