(ВИДЕО)Кирацовски: Ова се фирмите блиски до фамилијата во кои преку МИОА влегуваат милиони!

0
981

кирацовски 55Прес конференција на м-р, Александар Кирацовски, дополнителен заменик –министер за информатичко општество и администрација:

Почитувани граѓани,

Кога ги презентирав скандалите со тендерите што се вршеле преку МИОА, потенцирав дека преку ова Министерство, огромни суми народни пари завршувале или завршуваат кај фирми блиски до фамилијата на власт, преку нетранспарентни постапки и противзаконски исплати.

Јавноста во Македонија има право да знае кои се тие фирми кои со текот на времето прераснале во сериозна финансиско – коруптивна мрежа.

Да потсетам, екс-министерот Ивановски, близок соработник на Никола Груевски, лично доделил бизнис тежок 15 милиони долари на фирмата ЦТ Цомпутерс, односно Ком Трејд.

Изборот го направил противзаконски, пред да се изјасни Комисијата за јавни набавки при министерството. Граѓаните се оштетени за најмалку 2.3 милиони евра, бидејќи дисквалификуваната фирма понудила иста конфигурација на лаптопите за учениците со поевтина цена.

Известив и дека Ивановски доделил милионски бизнис на фирмата Виста Груп.

На сметката на оваа фирма прво легнале 850.000 евра, иако компанијата не ги исполнила условите од договорот со Министерството, да ја инсталираат испорачаната опрема за проектот Интероперабилност.

И покрај ова, граѓаните треба да знаат дека Виста Груп била наградена со нов тендер од ова министерство, за изработка на софтвер за он-лајн тестирање на административните службеници.

Во 2013-та година, истата оваа компанија во Агенцијата за администрација го добива и тендерот за спроведување на психолошките тестови за администрацијата, за што идните службеници беа обврзани да платат по 1.950 денари.

Ајде сега да видиме кои се овие две важни фирми за тендерите во МИОА, Виста Груп и ЦТ Цомпутерс.

Фирмата ЦТ Цомпутерс или КомТрејд на која што Ивановски и го дал 15-милионскиот бизнис, е во сопственост на Веселин Јевросимовиќ, сопственик на Алфа ТВ. Со оваа фирма се поврзува и директорот на Телеком, Жарко Луковски, кој е во роднински врски со Сашо Мијалков.

Во сопственоста на Виста Груп се појавуваат Сашо Ефтимовски, братучед на Зоран Ставревски, кум на Никола Груевски и Дарко Дулиќ, син на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна членка на Републичкиот судски совет, Благородна Дулиќ.

Инаку Виста Груп е формирана на истата адреса и со исти сопственици од фирмата Виста Процесинг, која што во 2002-та година доби бизнис од 3.000.000 евра за изведби во Национална платежна картичка.

Тогаш меѓу сопствениците на Виста Процесинг е и Дарко Дулиќ, а директор на НПК – Влатко Мијалков, брат на Сашо Мијалков. Денеска и двајцата се во врвот на Царинската Управа на Република Македонија.

За проектот, Интероперабилност, во конзорциум со Виста Груп е и фирмата Интервеј, во сопственост на Сашо Ефтимовски.

Од се што досега обелоденив јасно е дека крајна цел на Министерството за информатичко општество и на Владата не биле потребите на учениците и институциите, туку задоволување на потреби на фамилијата на власт.

Од сèто ова произлегува дека власта единствено за што се грижела е испумпување пари од државниот Буџет, по сите индиции, за лични интереси, за себебогатење, за купување избори, потплаќање судии, корупција на медиуми.

Решени сме, за да успее Македонија, криминалот мора да се санкционира соодветно.