Велигденско обраќање на г.г. Стефан: Верниците да истраат и внимаваат, да се молиме заболените да оздрават

0
532
Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но, таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење. Ова го истакнува во Велигденското обраќање Архиепископот г. г. Стефан, кој посочи дека појавата на заразната болест Ковид-19 тера на внимателност на сопстевното здравје и здравјето на блиските.

„На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста“, истакнува меѓудругото поглаварот на МПЦ.