Вајгл: Никогаш не кажав дека Заев е одговорен за неуспехот во Брисел

0
532

По вчерашното отворено писмо на претседателот на ЛП, Ивон Величковски до евро-пратеникот Иво Вајгл (АЛДЕ), а во кое посочува дека единствениот проблем е Никола Груевски, од кого е поклопена целата држава и дека никој нема да прифати тој да организира избори или да биде на чело на преодната влада, стигна одговор од евро-пратеникот упатен до претседателот на ЛП:

Иво-Вајгл-3

Почитуван г. Величковски,

Ви благодарам на пораката. Ја прочитав со должно внимание кон некој што по сопствено искуство може да почувствува многу последици за грешките на македонските политичари последните години. Не претендирам дека сум информиран за сите детали, што би можеле да ми ги пренесете доколку имавме можност да се сретнеме во Скопје. Откако ја презедов должноста на известувач на ЕП за Македонија, го посетив Скопје само еднаш, на два дена, во кои имав околу 20 различни состаноци. Сигурен сум дека средба со Вас ќе беше корисна, но таа не беше предложена во профрамата предложена од Делегацијата на ЕЅ и некои од моите стари пријатели.

Морам силно да ја отфрлам Вашата инсинуација дека сум бил пристрасен во корист на Владата на г. Груевски, за време на нашиот процес на медијација и мојата работа на Извештајот за Македонија во ЕП. Пред да сугерирате нешто такво, би требале да ги прашате претставниците на партиите што заедно и јас лично ги среќававме во Брисел и Стразбур, и да го прочитате Извештајот што го поднесов до ЕП.

Исто така, имам проблем да примам лекции за моите јавни настапи од било кого, но можам да Ве убедам дека секогаш се држам до она што го мислам.

Не сум во состојба со Вас да ја споделам причината за мојата лутина и разочарување по последната средба со македонските лидери во Брисел. Може да ги имате Вашите убедувања и искуство, но од мое гледиште и од моето искуство во политиката, предлозите на масата беа најдобрата понуда и можност да се реши кризата во Македонија и да се овозможи да се преземе следниот чекор кон евро-атланските интеграции. Извинете што не сум во можност и немам намера јавно да ги изнесам деталите за преговораното и предложеното компромисно решение. Би можеле, и искрено се надевам дека ќе се навратиме на него и ќе избегнеме можна натамошна ескалација на кризата во Македонија.

Патем: во ниту една прилика не реков дека г. Заев е единствениот одговорен ниту за кризата, ниту за неуспешните обиди за нејзиното решавање. Не можам да преземам одговорност за тоа што македонските медиуми го пишуваат или како тие ги интерпретираат моите зборови и постапки и оние на другите. Од оваа причина во најголем број случаи се обидувам да избегнам средби со новинари, иако, како долгогодишен новинар, ги разбирам нивните професионални потреби.

Дозволете ми да кажам нешто што во овој контекст нема апсолутна вредност или релевантност, но јас се сметам дека сум добар и поуздан – долгогодишен – пријател на Вашата земја и народ.

Со почит,

Иво Вајгл