Вајгл, Кукан и Ховит: Новиот состав на Владата е ризик за распаѓање на Договорот од Пржино

0
1012

Тројцата европарламентарци Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан кои посредуваа во постигнувањето на Договорот од Пржино денеска во заедничка изјава ја изразија својата загриженост поради неуспехот на четирите партии во земјава да постигнат заедничко решение за надминување на политичката криза, што, како што велат, води кон целосно распаѓање на Договорот.

„Длабоко сме загрижени поради тоа што неодамнешниот дијалог меѓу главните политички партии не доведе до заеднички пристап во надминувањето на политичката криза во земјата. Во актуелната ситуација, ние сме сметаме дека составот на владата кој не се базира на договор меѓу сите партии претставува ризик за целосно распаѓање на Договорот од Пржино и го враќа проблемот за владеењето на правото, независноста на судството и медиумите, што сериозно го загрозува реформскиот процес и евроатлантската перспектива на земјата“, се вели во писмото на тројцата европарламентарци.

Тие остануваат убедени дека Договорот од Пржино – политичкиот дијалог во парламентот, отченоста и реформите за спроведување на избори – се најдобриот начин за придвижување на земјата од актулената криза.

„Иако потегот на Уставниот суд овозможи повторно свикување на Собранието и планирање на нови избори, ние веруваме дека кризата единствено би можела да се надмине доколку сите четири партии застанат зад Договорот од Пржино, создадат услови за кредибилни избори и ги имплементираат пошироките реформски приоритети кои се дел од Договорот од Пржино“, се додава во изјавата.

Ховит, Кукан и Вајгл потенцираат дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари и нивни соработници го крши Договорот од Пржино и е во „спротивност со владеењето на правото и функционалната демократија“.

„Исто така, партиите треба да обезбедат недвосмислена поддршка на Специјалното обвинителство и на неговата работа што е главен сегмент од Договорот од Пржино. Ние исто така веруваме дека ангажманот на опозцијата и на граѓанското општество играат критична улога во осигурувањето на посветеноста на владата кон потребните реформи. Како посредници на Европскиот парламент во овие процеси, ги повикуваме политичките лидери да покажат одговорност кон обврските од Договорот од Пржино и да одработат пред се за демократските аспирации и интереси на македонските граѓани“, се вели на крајот на заедничката на тројцата членови на Европскиот парламент.

Извор: Мета