ВАШИНГТОН ПРОДОЛЖУВА СО КАНОНАДАТА ВРЗ РЕЖИМОТ: Амбасадорот на САД во ОБСЕ, Даниел Бер: Иванов да ја преиспита одлуката за помилување

0
721

САД се длабоко загрижени поради одлуката на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, да ги помилува тие кои се предмет на истраги, а се поврзани со скандалот со прислушувањето, оцени денеска амбасадорот на САД во ОБСЕ, Даниел Бер.

„Таквата одлука, доколку се имплементира, дополнително ќе го поткопа владеењето на правото во Македонија, интегритетот на судството и на другите институции, како и кредибилитетот на посветеноста на лидерите кон фундаменталните вредности на НАТО, Европската Унија и ОБСЕ. Општата амнестија која ги сопира понатамошните судски процеси, ги штити политичарите и нивните соработници од понатамошна одговорност и им ја оневозможува правдата на граѓаните на Македонија, кои јасно ја покажаа својата желба за целосна истрага и за судски постапки за криминалот кој е откриен со прислушуваните разговори. Затоа е важно сите лидери и партии да ја поддржат работата на Специјалното обвинителство, кое Собранието го постави како дел од Договорот од Пржино за да ги истражи сериозните обвиненија за злоупотребите на владата“, стои во реакцијата на Бер.

Американскиот амбасадор потсети дека во Извештајот за човековите права на Стејт департментот за 2015 година се наведува дека земјата се соочува со високо ниво на корупција и оти владата не успеала целосно да го почитува владеењето на правото.

„Во неодамнешните извештаи на „Фидом хаус“ и на другите граѓански организации се истакнуваат влошувањето на демократското владеење, зголемениот број на извештаи за инциденти на политички притисок и заплашување, како и злоупотреба на државните ресурси во Македонија. Загрижени сме поради извештаите за репресии врз граѓанските организации, кои изразија загриженост за заплашување на гласачите и немањето одвоеност меѓу државата и партијата“, вели Бер.

Тој истакна дека САД го поддржуваат демократскиот развој на Македонија, како и работата на Државната изборна комисија да подготви веродостојни избори. Но, рече дека одлуката на Иванов сериозно ја става под знак прашање способноста на државата на одржи веродостојни избори на 5 јуни, кои веќе беа одложени.

„Како пријатели на Македонија, САД го повикуваат претседателот Иванов да ја преиспита одлуката за помилување на тие што се вмешани во аферата со прислушување и да им дозволи на Специјалното јавно обвинителство и на судовите да си ја вршат работата. Истовремено, ги охрабруваме Владата и партиите да продолжат да работат на реформите кои ќе ги зајакнат демократските институции и ќе ја вратат Македонија на патот за веродостојни избори и евроатланските интеграции“, стои во соопштението.

Извор: Мета