Ванковска не издржа, по неколку месеци во фејсбук азил, повторно се врати на социјалните мрежи! Oва и е 3-то збогување и враќање, станува македонски фејсбук Мајкл Џордан!

0
582

vankovskafb

Пред неколку месеци таа напиша:

ЗБОГУВАЊЕ СО ФБ

Драги пријатели и уште подраги непријатели! Ова е прва најава дека целосно ја прекинувам мојата виртуелна егзистенција на ФБ. Тоа ќе го сторам најдоцна до недела, а во меѓувреме ќе се обидам оваа порака да стаса до сите оние кои ми се драги и за кои не сакам да помислат дека сум ги блокирала или дека нешто лошо ми се случило. Од самиот почеток на моето дејствување овде сметав дека ФБ е она што ќе го направиш од него.

Во најголем број случаи го користев како медиум (во кој јас сум уредникот), за споделување размисли, ставови, свои но и туѓи, за комуникација со студентите и со сите оние кои сакаа да се дружиме. Најмалку го користев како забава или за лични, семејни потреби. Но, доаѓа време кога сето она што сум го потиснувала длабоко во себе или сум го одложувала, најпосле испливува и се покажува јасно како ден. За вас не знам, ама јас веќе не гледам никаква полезна страна од поминувањето време на овој медиум: ниту можам да научам нешто (дури и странските колеги и пријатели ги запоставувам поради „ургентни“ нешта – а такви никогаш не недостасувале во МК), ниту да се збогатам мисловно, духовно или интелектуално! ФБ е како зараза, како инфекција која ти се вовлекува под кожа, па постојано нешто те копка да видиш што има ново. А ново нема ништо – само има more of the same! Мене чашата ми е преполна, се чувствувам не збогатена, туку извалкана. Се чувствувам ограбена; давам колку што можам, а за возврат добивам едно големо празно, едно ништо исполнето со злоба, лицемерие, нетрпеливост, безнадежност. Имам чувство дека „полицијата на мислите“ ми го контролира секој здив, дека од мене прави таргет и запишува во (црн) тефтер за да и` се најде.

Како беше онаа изрека која му се припишува на Иво Андриќ, за времињата во кои паметните замолчуваат? Епа, моето време дојде – не знам дали се опаметив или веќе не можам да трошам време попусто, притоа од мене да прават личност каква што толпата сака да види (со подбив или со очекување, сеедно). Но, знам дека животот, а и борбата е таму надвор, дека имам само еден живот, дека ФБ хејтерите не го заслужуваат ни моето време ни мојот ум ни моето срце… Оние другите, лесно е за нив – ќе се најдеме надвор одовде, ќе се дружиме вистински, ќе соработуваме и ќе си помагаме како прави пријатели. Знам дека и од ова писание некој духовит Васиљ или недуховит Саше, Миленко и слични, ќе си прават мезе – ама мене тоа веќе воопшто не ме засега! Мислам дека кога утрово ја донесов оваа конечна одлука, ми падна камен од срце! Се почувствував лесно и полетно. Се сетив колку книги ми останаа недочитани, колку трудови недовршени, колку кафиња неиспиени, колку драги лица невидени… Половина од мојот животен век верував дека имам одговорност, дека МОРАМ да бидам активна во јавноста, дека тоа е ДОЛЖНОСТ на секој интелектуалец, дека не смеам да се кријам во својот кабинет или да живеам како ној со главата в песок. Сега си го враќам назад правото на приватност, правото на сопствен живот далеку од јавноста и правото на потрага по сопствената среќа… И повеќе не сакам да слушнам ни Н од новинар!

(Драго ми е што мојот последен ТВ настап беше кај новинар кој многу го почитувам и што беше со луѓе кои исто така заслужуваат секаков респект. Но тоа ќе биде последно нешто во кое сум учествувала). Се` што сум кажала и напишала јавно е доволно за неколку животи (особено ако се споредува со животите на моите молчаливи колеги, кои и натаму се кибицери). Стојам зад секој умен или неумен збор, зад секоја своја постапка. Злобниците нека копаат по архивите, нека клеветат и нека прават конструкции – јас своето го завршив и си заминувам со мирна совест и дигната глава. Отсега натаму сум само мајка, жена, професор и истражувач, пријателка, ќерка, сестра – и колумнистка на Нова Македонија!

На крајот, ви посакувам секое добро (без оглед кој што заслужува, јас не научив да мразам и да посакувам зло). Вие кои сте ми драги и кои мене ме доживувате на сличен начин, ве молам да ме разберете и да не помислите дека сум ве блокирала или заборавила. Искуството од 5-6 години интензивно битствување на ФБ ќе биде врежано во мојот живот. Жалам и за многу контакти кои ги негував овде, и за многу нешта кои сум ги споделила, напишала, за сета архива која ќе згасне зад мене – ама понекогаш е потребен нов почеток. I tako dođu vremena…