Андреј Медведев, кој до неодамна беше еден од командантите на руската платеничка паравоена група Вагнер во Украина, побегна во Норвешка и побара азил во таа земја. Тој денеска за здружението за човекови права Gulagu.net изјави дека минатиот петок ја преминал руско-норвешката граница.
Се плашеше дека и тој ќе биде убиен со чекан Тој тврдеше дека се плаши за својот живот откако одби да го продолжи договорот со Вагнер, чии платеници активно се борат во источниот украински регион Доњецк. Медведев вели дека се плашел дека ќе биде погубен на ист начин како и другиот дезертер, Евгениј Нужин, кој беше убиен со чекан. Медведев тврди дека бил сведок на бројни егзекуции во периодот што го поминал како дел од силите на Вагнер и додаде: „Бевме фрлени во битка како топовско месо“. Во меѓувреме, норвешката полиција потврди дека Медведев е во земјата и дека побарал азил.