Бугарскиот историчар Димитров ќе го тужи Неделковски за кршење на споменикот

0
724

Бугарскиот историчар и директор на Националниот историски музеј, Божидар Димитров се закани дека ќе го даде на суд македонскиот новинар Миленко Неделковски поради кршење на бугарската спомен-плоча која бугарска делегација без дозвола ја постави на македонскиот врв Кајмакчалан.

– Ова е уште еден чин на вандализам. Ќе го дадам на суд овој македонски новинар. Морам да го направи тоа. Инаку ќе бидам биде отпуштен зошто нема да си ја вршам работата, изјави за бугарската „Нова телевизија“директорот на Националниот историски музеј, Божидар Димитров.

Изјавата на Димитров доаѓа откако Неделковски на „Фејсбук“ објави дека во четвртокот со токмак ја искршил плочата посветена на бугарски борци кои загинале на Кајмакчалан за време на Првата светска војна, Бугарскиот историчар рече дека пред две години гробовите на други бугарски офицери во Македонија исто така биле уништени и оти тоа веќе претставува проблем и за интеграцијата во ЕУ.

– Во ЕУ може да се влезе само кога ќе се решат проблемите со соседите. Ако ние кажеме дека е в ред, не е проблем, тоа значи дека нивната идеја за историјата е точна. Но, приказната не е само во знаењето од минатото, тоа е аргумент за права – коментира Димитров.

Со сличен став вчера излезе и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој предупреди „штом тие ги скршат бугарските споменици со чекани… ќе имаат несакани последици“.

И бугарското Министерство за надворешни работи го осуди кршењето на спомен-плочата и ги повика македонските власти да се оградат и да ги спречат ваквите срамни настани, кои не се изолирани инциденти и кои особено загрижуваат во време кога двете земји преговараат за потпишување договор за добрососедство.

Исто така и ко-претседателот на Патриотскиот фронт и лидер на ВМРО, Красимир Каракачанов напиша отворено писмо до претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во кое бара да се казнат вандалите.

Претходно, македонското Министерство за надворешни работи вчера ја повика Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја.

„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, стои во реакцијата од МНР.

Извор: Мета