БРУТАЛНА УТРИНСКА КОЛУМНА НА САШО ОРДАНОВСКИ : Кому ќе му пукне во рускиот рулет

0
1187

Груевски и Ахмети се свесни дека со Пржино Еден е завршено и дека, пред или после изборите на 5 јуни, по сите замисливи непријатни компликации што следуваат, во еден момент (можеби со помош на Могерини?) ќе се прејде на договарање Пржино Два – во тие преговори ни случајно нема да им се случи да дозволат некоја нова, реинвентирана институција повторно да ги истражува нивните криминали. Таа грешка два пати нема да ја направат.

Постојат разни дефиниции, описи и објаснувања за тоа како и зошто е оваа Библиска земја, Македонија, посебна на светот. Но, изминатите десетина дена ни дадоа бројни нови потврди за Чудото наречено Македонија. Се случија раритетни нешта што, навистина, никаде ги нема. На пример, само во уникатната земја меѓу прекрасното Охридско Езеро и светското астрономерско чудо Кокино печатењето на нови банкноти од страна на Народната банка се третира исклучиво како проблем на нивниот дизајн. Само овде претседателот на антикорупциската Комисија не сака (цитирам: „Сега и засекогаш, за вјек и вјеков, амин!“) да го даде на увид имотниот лист на милионерот од бивш премиер. Само овде судијата, а не обвинетиот, паѓа во несвест кога треба да досуди дали да се одземе пасош на ноторни криминалци (а, потоа, веројатно под тешки седативи за смирување совест, досудува пасошот да не се одземе). Само овде власта не сака да ги прифати оставките на министрите на опозицијата во владата (треба да се провери дали со ова би можеле да се кандидираме за Гинис…). Само овде дедовци и баби се радосни кога внуците им заминуваат во Белиот свет, за никогаш повеќе да не се вратат, бидејќи е тоа цената што мораат да ја платат за да добијат бесплатни карти за скијање и за бесплатен превоз со градски автобус… Всушност, само овде маса народ чека ред за да ја фати пилата со која се сече гранката на која седи целата држава, за и тие да дадат личен придонес во самоубиството со кршење на вратот на нацијата.

Навистина, Една е Македонија! Башка, барем уште некој месец, вечна!

БАЈ-БАЈ КАТИЦА?!

Во таквата една, единствена, оригинална, неповторлива, уникатна, прецедентна Македонија и во целата оваа ситуација со закажувањето на изборите за 5 јуни, не ми е јасно што се чека со укинување на Специјалното јавно обвинителство? Кога веќе Груевски и Ахмети конечно решија да одат во фронтален судир со целиот процес што потполно ги разобличи и ги делигитимира во изминатата година и половина (и таа одлука за конфликт, рака на срце, иако донесена во очај, делува, особено за ДПМНЕ, како логична разрешница во оваа фаза на кризата), што е смислата на тоа да ја остават да функционира главната институција на нивниот неспокој, тој јустициски остар меч којшто им виси врз главата држен во неочекувано цврстата гевгелиска рака на г-жа Катица Јанева?

Теренот е веќе подготвен: како што знаеме, Тодор Петров, пред да добие потрес на мозокот (иако би можеле да се расправаме за меритумот на самата дијагноза), поднесе иницијатива за уставно анулирање на СЈО. Со распуштено Собрание, сега само Уставниот суд, таа фонтана на вечната младост на македонското безаконие, стои меѓу „болеста“ и „лекот“ на Фамилијата. Ме чуди што е тоа што ги спречува Ахмети и Груевски, сега, кога целата ситуација и онака е доведена до статус каша-попара (еден вид на безвластие), да не ѝ го удрат катанецот на СЈО? Опозицијата и онака најавува дека ќе излегува на улица, па дали на причините за тоа се додало и СЈО или не, за опозицијата, во смисла на причините за бојкот, ништо не менува – а Фамилијата, реално, ќе си го реши најголемиот проблем што ги прави ненаспани.

За ваквата аргументација помага и односот на меѓународната заедница. Можеби проценката на странците е дека е постигнат максимумот во оваа фаза на кризата и дека изборната „катарза“ треба да се симне од дневен ред во преговорите, бидејќи изборите ништо, суштински, не менуваат за понатамошните постапки; можеби проценката е дека опозицијата нема сила да го симне режимот од власт, па е решено агонијата на кризата да се заврши што побрзо, со „припитомен“ диктатор со кого идните пазарења ќе одат помазно; или, едноставно, планот на странците веќе „не држи вода“, бидејќи нема кој да го турка на теренот… Но, реално, нивното сегашно демонстративно „дигање раце“ во оваа фаза од Пржино Еден ја прави цената за укинување на СЈО релативно ниска. Имено, ако Груевски и Ахмети свесно влегуваат во ризикот на 6 јуни да не добијат ни една пристојна честитка од странство (покрај оние од Русија, Унгарија, Белизе, Панама и сл.) за успешно спроведените избори и за формирањето на новата влада, нивното делегитимирање нема да биде ни поголемо ни помало заради укинувањет на СЈО – што вели една песна, „Сé ќе биде исто, само него (СЈО) ќе го нема“. На пример, не ќе мора Гордана да оди на фризер пред секое влегување и излегување во/од Судот и за следните 17 тешки кривични дела (за кои таа, самата, откако го освестија судијата, „по Устав и по закон“ си се прогласи за невина, од тука до вечноста и назад!).

И ДА БАПНЕ, И ДА АПНЕ!

Оти, Груевски и Ахмети се свесни дека со Пржино Еден е завршено и дека, пред или после изборите на 5 јуни, по сите замисливи непријатни компликации што следуваат, во еден момент (можеби со помош на Могерини?) можно е да се прејде на договарање Пржино Два – во тие преговори ни случајно нема да им се случи да дозволат некоја нова, реинвентирана институција повторно да ги истражува нивните криминали. Таа грешка два пати нема да ја направат.

„Вчера за вчера, денес за утре!“, ќе биде појдовната преговарачка позиција во Пржино Два на едното тело со две глави, Грујо и Ахмети. Ѕвечарката и мунгосот конечно се фиксираа врз заедничкиот интерес – да го изедат зајакот, додека чуварот во шумата врши мала нужда потпрен на некое дрво!

Груевски, навистина, не можеше веќе да ризикува партијата да му се распадне „пред нос“, а со судството да продолжи да игра „руски рулет“, бидејќи, кога-тогаш, ќе се најдеа судии што ќе го досудеа и првиот притвор. Сите шеги што му ги испорачавме за метафората со Титаник, всушност, беа точен опис на целата состојба: неговиот брод забрзано тонеше. Со „маневарот“ за избори на 5 јуни тој привремено ја враќа иницијативата во свои раце и ја сопира партиската ерозија која навистина се заканува да го пополни капацитетот за заштитени сведоци и на десет пати поголемо обвинителство од СЈО!

Всушност, со таквите избори двоецот Груевски/Ахмети ја сечат во корен можноста за институционална стабилизација на земјата што почна да изгледа како реална опција за некоја догледна иднина. А, Груевски навистина може да си дозволи многу работи, но една од оние на кои ни на сон не смее да помисли е – Македонија да стане држава со функционални институции! Уууууу, подобро и магарето и змијата да ти ја завршат работата од вицот, отколку тој и неговите да се појават пред професионален кривичен судски совет! Или, замислете некој овластен (такви институции има барем десетина) да го праша од каде му се парите и имотите што ги книжи по тајните приватни и партиски имотни листови.

ЕСКАЛАЦИЈА

Сакам да кажам, работите ќе ескалираат. Во буренцето на македонскиот политички „руски рулет“ тукушто се додаде уште еден вистински куршум, ќорфишеци има сé помалку. Сега и опозицијата ќе мора да ги подигне влоговите. Доколку опстои на ставот да ги бојкотира изборите – а таа одлука, под разни притисоци, ќе се крши меѓу морално-политичките и материјалните ресурси на партијата – СДСМ ќе мора да се врати на реанимација на широката платформа за протести којашто лани без многу консултации ја „распушти“. Пеглањето на граѓанско-партиските разлики во таа платформа ќе мора да се одвива брзо и уверливо. Додуша, многу луѓе во Македонија веќе имаат завидна километража со демонстрации против режимот, а прогнозата е дека оваа пролет и лето ќе бидат топли и суви.

Но, за да биде убедлив, СДСМ ќе треба да ги блокираат токму оние бизниси на Фамилијата што ѝ носат најголеми приходи и работата на оние институции кои се во центарот на перпетуирањето на недемократскиот режим (Собранието на РМ, судовите, обвинитлствата, некои министерства и тн.). За второво не знам, ама за евентуалното губење на профитите, сметајте дека Фамилијата ќе биде подготвена да се брани и со сила. Плус, логично е Груевски на секој протест да одговори со свој партиски контингент контра-протести, како што е логично судирите да добијат и непријатни димензии. Тоа сме го говореле и порано: тој што го контролира теренот, тој ја контролира и насоката во која се одвива политичкиот процес, сосе странците во него. На пример, земете го Стевчо Јакимовски како метафора, па уште сега замислете како ќе изгледа целата таа работа. Дали Груевски проценува дека е време да се пушти и малку крв по улици?

Сепак, најголемиот губитник од сето ова, несомнено, ќе бидат Али Ахмети и ДУИ кои, во фото-финишот, за гради ќе ги престигне и Груевски и Заев. Релативно споредено, нивниот пад во рејтингот е најголем, за Ахмети речиси и непоправлив. Македонските националисти навистина можат да бидат задоволни: успеаја да го понижат Али до такво ниво, што политичкиот резултат од разрешницата на конфликтот во 2001 г. сега слободно може да се книжи на сметката на оние на кои Грујо со години им ветува дека „второто полувреме“ во натпреварот со „Шиптарите“ ќе биде убедливо добиено во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Аферим, Али, војводо!

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)