Од вкупната рамка од шест милијарди евра, во првиот петгодишен период ќе се повлечат околу 2,2 милијарди за инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја пругата од Табановце до Гевгелија.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска уверува дека изборот на фирми ќе биде според Законот за јавни набавки, со повеќе понуди и без авансни плаќања. Од помпезно најавените шест милијарди евра „инвестициски бум“ како дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, во првите пет години ќе се повлечат 2,2 милијарди евра или околу една третина од парите.
Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го најави министерката за финансии и потпретседателка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска-Кочоска. Според неа, овие средства ќе се користат за реконструкцијата и изградба на брзата пруга од Табановце до Гевгелија и неколку болници. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата“, рече Димитриеска-Кочоска.