Меѓувладината конференција за пристапување, на која Црна Гора ќе ги затвори тие три поглавја – право за интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми и претприемништво и индустриска политика, ќе се одржи во понеделник на 16 декември.
Црна Гора беше технички подготвена да ги затвори четирите поглавја, но Хрватска беше против затворање на поглавјето за надворешна, безбедносна и одбранбена политика, објави Индекс.
Минатиот месец Хрватска испрати нон-пејпер (неформален дипломатски документ) до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку отворени прашања кои ги нарушуваат меѓусебните односи меѓу двете земји.
Во тој документ, според дипломатски извори, се наведува дека двете земји треба да ги решат прашањата за сопственоста на тренинг бродот Јадран, меѓусебната демаркација, гонењето на воените злосторства, потрагата по исчезнати лица, како и прашањето за името на градскиот базен во Котор, кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, за кого Хрватска тврди дека бил чувар во логорот Морињ.
Новата методологија на пристапните преговори, усвоена на почетокот на 2020 година, предвидува наместо поединечни поглавја, да се отворат неколку кои се поврзани во шест кластери, односно шест тематски целини, додека кога се затвораат поглавјата, тие сепак се затвораат поединечно.