Властите во Бразил денеска одобрија приклучување на земјата во групата земји-извознички на нафта „ОПЕК+“.
Одобрувањето на владата е одговор на официјалната покана за приклучување која земјата ја доби во 2023 година.
Групата ОПЕК + ги вклучува 12-те членки на групата ОПЕК, основана за да го координира производството на нафта за стабилизирање на пазарот, плус 10 главни земји производители на нафта, од кои Русија е убедливо најголема.
Иако членките на ОПЕК+, кои не се членки на ОПЕК се согласуваат да соработуваат со земјите од ОПЕК, Бразил нема да има обврска да ги почитува одлуките за намалување на производството, изјави министерот за рударство и енергија Александре Силвеира.
Силвеира го нарече ОПЕК+ „само форум за дискусија за стратегиите на земјите производители на нафта“.
– Не треба да се срамиме што сме производители на нафта. Бразил треба да расте, да се развива и да создава приходи и работни места, нагласи тој.