Според директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, средствата од оваа мерка се свеж капитал што треба да им помогне на сточарите да ја обезбедат потребната количина храна за презимување на стоката.
-Преку мерките од програмите за земјоделство и рурален развој, создаваме поволни услови за подобрување на сточниот фонд, зголемување на домашното производство на млеко, а со тоа и обезбедување на суровина за домашните капацитети за производство на млеко, млечни производи како и домашно произведено месо. Пандемијата со „Ковид 19“ уште повеќе ја нагласи потребата од здрава, безбедна храна. Владата, Агенцијата и Министерството ќе продолжат да создаваат поволни услови за одржливо земјоделство, негова модернизација, со што ќе се овозможи задоволување и на домашните потреби со земјоделски производи, но и за извоз, вели Бабовски.
Тој потенцира дека ќе продолжи навремената и неселективна исплата на субвенции за сите кои законски стекнале право за добивање финансиска поддршка во земјоделството.
-Земјоделството е наша шанса за успех. Затоа сите заедно да работиме на производи со додадена вредност што позитивно ќе се одрази и врз земјоделците, но и врз бруто домашниот производ, порачува директорот Бабовски.