БРАВО – Мојсовски: Компаниите донираат 10 милиони евра годишно за спортот преку ваучер системот

0
733

За новата мерка ваучерски систем износот на вредноста на издадените ваучери врз основа на кои обврзниците го остваруваат правото на даночно ослободување изнесува 10 милиони евра годишно. Тоа значи дека дополнително се придонесува за поголема финансиска моќ на спортските субјекти. На компанијата која донира во спортот преку оваа мерка и се намалува данокот на добивка врз основа на ваучер издаден од Агенцијата за млади и спорт. Резултатите од ваквите олеснувања се видливи.

Ова денеска на прес-конференција во Владата го истакна директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Таа рече дека преку концептот ваучер систем во 2019 година 639 компании донирале 492 931.010 денари на 377 спортски субјекти, а во 2020 година на овој концепт се приклучиле 677 компании кои донирале 547.798.298 денари на 623 спортски субјекти.

На секој правен субјект кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, појасни таа, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50 проценти од пресметаниот данок.

– Даночниот обврзник кој го користи даночното ослободување може да донира во еден спортски субјект од секаков вид спорт. По исклучок може да донира во два спортски субјекта од ист вид спорт доколку едниот субјект е национална спортска федерација, а другиот е спортски клуб или активен спортист кој се натпреварува во индивидуален спорт. За целите на ова даночно ослободување УЈП води евиденција за дадените донации согласно издадените ваучери од Агенцијата за млади и спорт која претходно доставува листа на спортски субјекти на кои им е доделен ваучер – рече Лукаревска.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски рече дека покрај постоечките финански средства кои федерациите и спортот ги добиваат од Агенција за млади и спорт преку ваучер системот се вбризгуваат веќе дополнителни 10 милиони евра за развој на македонскиот спорт. Иако е време на пандемија реализацијата, појасни тој, достигна дури неверојатни 89 проценти.

– Овие бројки покажуваат дека ова е вистинска мерка и дека мерките се искористуваат на исправен начин за спортот и стигнаа со националните спортски федерации, клубови и спортисти. Во однос на 2020 година реализацијата на спортските ваучери годинава е зголемена за 25 отсто – рече Мојсовски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека ФК Вардар е дел од овој ваучер систем и дека добил над 8,5 или девет милиони денари.

– Тој субјект си постои. Знаеме во каква криза е, тука сме за да помогнеме. Еден дел од нашата помош е директно преку овој ваучер. Се надевам дека Вардар како субјект, поранешниот спонзор, а и Град Скопје ќе изнајдат решение да се врати Вардар во горниот дел на табелата и се надевам дека со оваа мала помош од наша страна преку ваучер системот ќе придонесеме да ги надмине тие проблеми – додаде Мојсовски.