Споредено со претходната година, во 2021 година бројката на вработени во јавниот сектор е зголемена за 905. – Министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирим Алити (Фото: Јутјуб/принтскрин)
Јавниот сектор во Македонија има 132 илјади вработени, од кои 73,58 отсто се Македонци, а 20,35 отсто се Албанци, според Извештајот за вработените во јавниот сектор 2021, презентиран денеска од министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирим Алити. Останатите вработени се Турци (1,95%), Роми (1,19%), Срби (1,07%), Бошњаци (0,49%) и Власи (0,43%).
Споредено со претходната година, бројката на вработени во јавниот сектор е зголемена за 905. Но, вели Алити, во органите на државната управа се вработени само 15.302 и тука има намалување од 643 вработени. Најмногу вработени во јавниот сектор има во образование (33%), по што следуваат здравство (19%), управа (13%), комунални дејности (9%), детска заштита и социјална политика (7%)…
Според извештајот, во јавниот сектор се вработени повеќе жени (55,3%) отколку мажи (44,37%). Просечната возраст на вработените во јавниот сектор е 46 години.