Мерката за самовработување креира успешни приказни. Една од нив е приказната на Кристијан Трајковски, Марко Зарев и Симон Стојановски кои наскоро ќе ја промовираат својата прва видео игра. Со помош на грант од 10.000 евра, тие на почетокот на годинава го отвориле своето независно студио за изработка и издавање на видео игри ,,Дарк-1’’.
Дилемата дали да отворат фирма во земјава или пак во странство ја решиле откако дознале за можноста да добијат грант за самовработување преку мерките од Оперативниот план за вработување. Оваа можност била одлучувачка да започнат со остварување на својот сон во својата земја.
Денеска заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Damjan Manchevski и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски го посетивме нивното студио со цел да ги слушнеме предизвиците и потребите на млади луѓе кои се охрабриле и започнале сопствен бизнис со почетна поддршка од државата.
Тие се задоволни од тоа како се развива нивната мала фирма, но посочија дека им е потребна поддршка за надминување на одредени пречки поврзани со пласман на нивниот производ на светскиот пазар. Министерот Манчевски изјави дека може да помогне во овој дел, но и во однос на промоцијата и маркетингот. Директорот Деспотовски ги информираше за дополнителните финансиски и други можности за понатамошен развој на фирмата, кои ги обезбедува Фондот за иновации.
Искористете ја шансата која се нуди со Оперативниот план за 2018 година за добивање неповратни средства за самовработување од 246.000 до 615.000 денари. Сега мерките може и да се комбинираат со мерките за обуки за знаења и вештини. Приказната на ,,Дарк-1’’ е навистина успешен пример, кој треба да претставува мотивација за сите невработени млади луѓе.