Министерството за здравство бара системско решение за проблемот со медицинските сестри, техничари и лаборанти кои имаат завршено висока школа, но таа се уште не им е признаена во јавните здравствени установи каде што работат. Ова го истакна министерот за здравство Венко Филипче кој посочи оти во следните денови треба да се добие вкупната бројка на овој кадар.
„Пред неколку дена имав состанок со претставници на едно од здруженијата на медицинските сестри. Пративме писмо со кое очекуваме до крајот на неделава, евентуално на почетокот на следната да ја видиме вкупната бројка на медицински сестри, техничари, лаборанти, кои што имаат висока школа со 180 кредити или специјализација со 240 кредити, а на кои таа школа не им е признаена во платата“, рече министерот Филипче.
Финансии за регулирање на платите на овој медицински кадар ќе се обезбедат, дециден е министерот, но вели оти е потребно долгорочно решение.
„Врз основа на таа бројка да се направи финансиска анализа, меѓутоа во исто време и анализа на систематизациите по Јавно здравствените установи. Бидејќи не е само финансискиот импакт, да се види каде и за кого има места во систематизациите. И врз основа на тоа да издготвиме соодветно и долгорочно решение. Финансиите сигурно ќе ги обезбедиме, тоа јасно им укажавме на преставниците на Здружението, меѓутоа мора детално да разгледаме за системски да го решиме проблемот“, додаде министерот Филипче.
На состанокот со Здружението на медицински сестри, присуствувал и директорот на Фондот за здравствено осигурување.
Извор : НоваТВ