БОЧВАРСКИ : ПРОБИЕНА ЛЕВАТА ТУНЕЛСКА ЦЕВКА НА ТУНЕЛОТ ФАРИШ, ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ГРАДСКО – ПРИЛЕП СЕ ГРАДИ СО СИЛНО ТЕМПО

0
369

Пробиена левата тунелска цевка на тунелот Фариш, честитки до изведувачот и до сите учесници во изведбата на овој не така едноставен машински зафат на втората делница од експресниот пат Градско – Прилеп, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со заменик министерот Беким Реџепи, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и заменик директорот Благојче Трпевски присуствуваа на пробивањето на левата тунелска цевка на тунелот во Фаришката клисура, кој се наоѓа на втората делница Дреново – Фариш на новиот експресен пат кон Прилеп.

Вредноста за изградба на втората делница од Дреново до Фариш изнесува повеќе од 33 милиони евра, а само за тунелот се инвестираат 5,7 милиони евра. Министерот истакна дека динамиката на изградба на оваа делница, но и генерално на целата траса од експресниот пат Градско – Прилеп се одвива со силно темпо.

„Тунелот Фариш се наоѓа на најтешкиот дел од трасата и претставува еден од најкарактеристичните инфраструктурни објекти на овој нов патен правец. Задоволен сум од изградбата на тунелот и генерално од динамиката со која се гради експресниот пат кон Прилеп бидејќи знаеме од какво значење е за целата држава, а најмногу за жителите на Пелагонискиот регион. Градежните активности течат онака како што ветивме. Сите проблеми се веќе зад нас, компаниите изведувачи имаат чист терен за работа. Средствата за изградба на овој експресен патен правец се обезбедени во целост и не постои ризик од запирање на неговата реализација.“ – изјави министерот Бочварски.

Првата делница од Градско до Дреново се гради со силно темпо и очекуваме роковите да бидат запазени, истакна директорот на ЈП за државни патишта Рустеми. Тој извести за техничките карактеристики на тунелот Фариш и информираше дека набрзо почнуваат градежните активности и на десната тунелска цевка.

„Oчекуваме рокот да биде запазен бидејќи Изведувачот е комплетно мобилизиран и ги има сите потребни ресурси во кадар, работна сила, механизација и опрема. Ова ќе биде 14-тиот тунел на патиштата во државата. Територијата на Република Северна Македонија 85,5 проценти е планинска и е седма земја во светот на листата на топ 10 најпланински земји според процентот од вкупната територија. А сите ние сме свесни колку е тешко да се гради на планинска територија. Токму таков е и овој дел и на само 10 километри растојание во овој појас се градат тунели, мостови, подвозници, клучка, вијадукт и други објекти. За овие 10.2 километри издвоивме 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР“, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.