БОЧВАРСКИ И НИКОЛОВСКИ ОД КРИВА ПАЛАНКА : ГРАДОТ ГО ЖИВЕЕ СВОЕТО МОДЕРНИЗИРАЊЕ, ИНВЕСТИРАМЕ ВО ИЗГРАДБА НА КВАЛИТЕТНА ПАТНА И ЖЕЛЕЗНИЧКА ИНФРАСТРУКТУРА, ПОСВЕТЕНО РАЗВИВАЈЌИ ГИ ОПШТИНИТЕ ОД СЕВЕРОИСТОЧНИОТ РЕГИОН

0
336
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска извршија увид во активностите за реконструкцијата на главната улица Св. Јоаким Осоговски во Општина Крива Паланка.

Ако претходно Североисточниот регион од минатите влади беше заборавен, денес оваа Влада посветено реализира големи инфраструктурни проекти, со кои силно се развива овој регион, инвестирајќи во патната и железничката мрежа, нови фабрики и многу значајни проекти за целата држава.

„Работиме на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестицијата е повеќе од 62 милиони евра. Исто така, во завршна фаза е проширувањето на државниот пат од Крива Паланка до ГП Деве Баир, инвестиција од 12 милиони евра. Активно ја градиме пругата од Куманово до Крива Паланка , каде на првите 2 фази веќе работиме на терен, инвестиција од преку 200 милиони евра, а до крајот на годината очекувам да се распише и јавен повик за изградба и на третата фаза од тука па се до ГП Деве Баир, најтешката делница од оваа пруга, со што вкупната инвестиција на источниот крак од железничкиот Коридор 8 ќе надмине 700 милиони евра. И ова се најголемите проекти и инвестиции кои се работеле до сега во Крива Паланка и што е уште позначајно многу локални компании и граѓани се ангажирани како логистика во нивната изградба“ изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Овие години во Крива Паланка се случува урбана револуција. Инвестициите во изградба и реконструкција на градските улици не се само обична инфраструктура, тие се артерии на прогресот, поврзувањето и развојот на градот.

Од денеска започна реализација на еден од главните капитални проекти за градот, реконструкција на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“.  Со новото решение целосно се реализира и регулира нормалниот тек на сообраќајот за моторните возила, се воведуваат нови паркинг позиции и комплетно се реализира пешачкиот сообраќај со изградба на широки и модерни тротоари за правилно движење на пешаците. Со решението Крива Паланка го добива првиот кружен тек како современо решение за надминување на сообраќајните метежи и овозможување на побрз и полесен проток на возилата.

„Градот го живее своето модернизирање. Европскиот лик на Крива Паланка е секојдневие за жителите и сите посетители на градот. Позитивните промени што се случуваат му носат на градот многу поволности, кои се отсликуваат со забрзан економски развој, унапредување на туризмот, но и транспортот и движењето на стоките. Остануваме посветени на реализација на нашата идеја за Крива Паланка. Вложуваме и ќе продолжиме уште поактивно да вложуваме во стратешки инвестиции кои значат развој на Крива Паланка, подобар живот за граѓаните и подобар стандард за сите. Зборот е збор, го дадовме и го исполнуваме. И сега и во иднина“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Во рамки на денешната посета на Општина Крива Паланка двајцата министри, заедно со градоначалникот на Општина Крива Паланка извршија увид во реконструкцијата и на пет улици во населбата Илинденска, инвестиција реализирана со средства на Општина Крива Паланка.

Со финансиска поддршка од Владата за Општина Крива Паланка, обезбедени се и средства во вредност од 26,6 милиони денари за реконструкција на трите главни моста над Крива Река. Преку овој проект предвидена е реконструкција на Шанин мост во вредност од 10.800.000 денари, Виолетов мост во вредност од 6.200.000 денари и Осички мост во вредност од 9.600.000 денари.