Бочварски за МИА: Да не дозволиме главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, туку кај архитектите, планерите и јавноста

0
1051

Повторно актуализирање и промени на предложениот закон за легализација на дивоградби што е во собраниска процедура низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни, најавува новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА.

– Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен. Во моментот кога Собранието ќе го актуализира Министерството ќе биде подготвено да разговара со сите пратенички групи и сите заинтересирани страни секако на крајот на денот во оваа парламентарна демократија да се донесе закон којшто ќе го регулира делот на бесправо изградените објекти. Но, сè она што е изградено во заштитени зони на охридското крајбрежје и станбените згради со намена А2 нема да биде предмет на легализација со овој закон. Ова е една заштита за да се запрат таквиот тип злоупотреби. Законот е далеку порестриктивен од претходниот и има момент на казнивост од повеќе аспекти, вели Бочварски.

Аспектот на дивоградбите, укажува, не треба да се гледа единствено од оваа страна според законот за третман на бесправно изградени објекти, туку и со инспекцискиот надзор.

Министерот за транспорт потенцира дека со новиот Закон за урбанистичко планирање се регулираат состојбите за да не се дозволи, како што вели, главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, во министерствата или општините, туку онаму каде што треба – кај архитектите и планерите, да помине и низ каналите на локалната самоуправа и јавноста.

Апелира секогаш да се внимава на законитоста бидејќи, укажува, многу често заглавените предмети имаат и одредени пропусти и проблеми што апсолутно не смееме да дозволиме да се случат.

– Објектите од втора категорија што во најголем дел се градат во државата се во ингеренции на општините, а за тие од прва категорија Министерството за транспорт и врски и овој аспект секако е многу важен за мене за надградба на Министерството со капацитет и кадар бидејќи и тука недостасува квалитетен кадар за кој веќе разговарав и со службите и разговарам со луѓе кои се подготвени тука да дадат своја поддршка. Се работи за инженери и архитекти кои се подготвени да бидат од помош и да дадат свој придонес во Министерството, вели Бочварски.

Во интервјуто зборува и за реализацијата на капиталните проекти, ветува фокус на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, каде иако има работи на терен не е според посакуваната и планираната динамика со оглед на тоа што треба да се одобрат инфраструктурни проекти и да се работи на експропријација на земјиштето. Зборува и за плановите за откочување на изградбата на железничката делница Куманово – Бељаковце, а најавува и преселба во новиот објект на Министерството за транспорт откако ќе заврши техничкиот приемр, за што веќе е формиран тим од овој ресор.

Прифативте да ја замените градоначалничката со министерската функција токму во период кога повторно има превирања за дивоградбите, еднo од најгорливите прашања во државата зa кои статистиката покажува дека и покрај законското решение за легализација и неколкуте рокови ги има низ целата држава. Ќе има решение за овој проблем и еднаков третман за сите градби?

– За урбанизацијата донесовме доста добар и квалитетен нов Закон за урбанистичко планирање, целосно искоординиран со сите инстистуции, ЗЕЛС, општините, коморите, а кој навистина дава шанса за регулација на просторот и конечно преку урбанизација да стигнеме до конечниот ефект – развој и хумано живеење во државата. Секоја средина, секој регион во државата има свои специфики. Скопскиот регион, метрополата, секогаш има поголем интерес од развој и урбанизација, но тоа треба да се прави внимателно. Со овој нов закон ќе создадеме тела што ќе ја контролираат изградбата и во нив ќе бидат вклучени невладини организации, граѓани, советнички групи и сите ќе имаат увид на идниот развој на градовите. Од друга страна, затекнуваме ситуација во којашто има голем број изградени објекти кои од различни причини не стасале да дојдат до правниот моделитет на својот објект и мора да се размислува како да се решаваат. Некогаш тоа се случувало поради пребавната урбанизација и низ сите овие процеси што се случувале во минатото луѓето барајќи можност и шанса за својата економија да прават развој на својата економија и на својот бизнис поведувале вакви постапки, поради што државата тука треба да ги гледа сите аспекти. Поднесен е закон уште од пред неколку месеци во Собранието и тој треба во наредниот период да се актуализира и да се разговара на оваа тема. Можам да потенцирам дека се работи за поквалитетен закон од претходниот со тоа што има момент на финансиска казнивост. Тоа е моментот како треба да почнеме процес на запирање на изградбата на ваквите објекти.

Со претходниот закон беше предвидена легализација на секаков тип објекти со цена на чинење за легализација од евро за квадратен метар, а со овој закон ќе се плаќаат 50 проценти повеќе од постоечките комуналии во општината каде што е објектот. Ако во Скопје имате општини каде што комуналиите се 100 евра за квадратен метар, со овој закон секој кој го прекршил на некој начин и не извадил градежно одобрение ќе плати 150 евра за тоа што претходно било едно евро. Сметам дека овој момент е важен за да се знае дека ова е една од можностите да го намалиме притисокот од ваква изградба, а од друга страна со Законот за урбанистичко планирање да придонесеме за регулација и да влеземе во едни помирни води во делот на урбанизацијата. За овој закон во наредниот период ќе дискутираме, а во овој период раговарав со ЗЕЛС, но и претходно кога бев член, дека има поддршка од градоначалниците.

Рековте повторно ќе го актуализирате поднесениот закон, ќе има ли промени и што ќе се преземе со постапувањето на терен за постојните дивоградби?

– Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен. Во моментот кога Собранието ќе го актуализира Министерството ќе биде подготвено да разговара со сите пратенички групи и сите заинтересирани страни секако на крајот на денот во оваа парламентарна демократија да се донесе закон којшто ќе го регулира делот на ваквите бесправо изградени објекти. Но, сè она што е изградено во заштитени зони на Охридското крајбрежје и станбените згради со намена А2 нема да бидат предмет на легализација со овој закон, со тоа што ќе запреме процес на надградби на станбени згради, целосни изградби на нови станбени згради. Ова е една заштита за да се запрат таквиот тип злоупотреби. Законот е далеку порестриктивен од претходниот и има момент на казнивост од повеќе аспекти.

Аспектот на дивоградбите не треба да се гледа единствено од оваа страна според законот за третман на бесправно изградени објкети, туку и од аспект на инспекцискиот надзор. Дали ќе имаме закон или одреден момент немаме таков закон доколку немаме силни инспекциски служби луѓето ќе изнаоѓаат начини и можности и ќе реализираат таков тип објекти и ќе градат бесправно. Токму поради ова сметам дека во наредниот период прашање број еден на кое треба да се фокусираме како општество е засилување на овие инспекциски служби, да ги зајакнеме капацитетите. Ова, пред сè, е прашање на општините и секако како Министерството и Владата со одредена законска регулатива да им дадеме шанса да приберат ваков тип кадар што ќе биде подготвен брзо и ефикасно да ги лови новите објекти што би почнале да се градат во иднина бесправно. Токму ова, според мене, е клучот како треба да се запре ширењето на изградбата на бесправно изградени објекти.

Целото интервју на МИА.