БОЧВАРСКИ – БАЛУКУ : ПОТПИШАНИ ДОКУМЕНТИТЕ ЗА СОРАБОТКА КОИ ЌЕ ПРИДОНЕСАТ ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН РАЗВОЈ И СОРАБОТКА ВО ПАТНИОТ, ВОДНИОТ И ВОЗДУШНИОТ ТРАНСПОРТ

0
582

Заложбите за создавање на развиен и интегриран регион, како и потребата од интензивирање на меѓусебната комуникација со соседите, особено во времиња на светски кризи кои бараат активна соработка и координација, е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија.

Ова беше потврдено на денешната меѓувладина седница помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, од каде произлегоа значајни иницијативи и меморандуми во делот на инфраструктурното поврзување помеѓу двете земји.

Во рамки на меѓувладината седница, министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Благој Бочварски, заедно со министерската за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку, потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за развој на патната поврзаност помеѓу двете земји, односно развој на патниот Коридор 8, Спогодба за меѓународен воден транспорт во Охридското езеро, како и Спогодба за делегирање на услуги во воздушниот сообраќај на дел на воздушниот простор над Охридското езеро за спроведување на меѓународни воздушни операции на аеродромот Св. Апостол Павле.

Со потпишување на овие значајни документи значително се унапредува билатералната активност и се зајакнува меѓусебната соработка, потенцираше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„Особено ми е драго што денеска со министерката за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку, ги потпишавме овие спогодби со кои ги потврдуваме цврстите заложби за унапредување на меѓусебната соработка и инфраструктурна поврзаност, со цел забрзан економски развој на регионот и забрзување на нашиот пат кон Европската Унија. Ваквите времиња бараат особена заложба од двете страни, координирани и заеднички дејствија за да ги минимизираме негативните последици од светската економска и енергетска криза и можам да кажам

дека преземаме значајни чекори и мерки во таа насока. Овие меморандуми и спогодби што ги потпишавме на денешната средба ќе ја унапредат нашата соработка и ќе донесат сериозни бенефити за нашите граѓани, за нашите две земји.“ – истакна министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Благој Бочварски.

Регионалното поврзување и создавањето на модерни и безбедни паневропски коридори останува силен фокус на Министерството за транспорт и врски, работиме на исполнување на нашите приоритети со цел подобро поврзување на целиот регион.