БРОЈЧАНИКОТ НА ЗАЕВ ПАК СВРТЕ ЗА 3-4 МИЛИОНИ ЕВРА – ЗАМРЗНАТ ИМОТОТ НА ГРУЕВСКИ ОД НОВООТКРИЕНИТЕ 3.000 КВАДРАТИ НА ВОДНО И ДВА СТАНА НА БИХАЌКА, ИСТРАГАТА НЕ ГИ ЧЕПКА ТРИТЕ СТАНА НА МАЈКА МУ

0
377

Замрзнатите плацеви Груевски под туѓи имиња на физички лица и на фирми ги купувал плацевите по багателна цена уште кога биле корија, но со пренамена на земјиштето во градежно, сега нивната цена е повеќекратно зголемена (Фото: СДК.МК)

Двата новооткриени станови на азилантот во Унгарија Никола Груевски во кои Обвинителството за организиран криминал и корупција минатиот месец влезе да врши претрес, како и голем новооткриен плац на Водно на површина од 3.000 метри квадратни, со одлука на Основниот кривичен суд се замрзнати додека трае постапката против поранешниот премиер.

Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди Државниот јавен обвинител Љупчо Јовески, кој вели дека на хартија фигурираат други имиња, но дека Обвинителството пред Судот изнело сознанија и докази дека плацот и становите се всушност на Груевски.

Она што е невообичаено, е што поминаа десетина дена од одлуката на судот, а жалба на таа одлука не поднесува никој. Груевски по претресот, од Унгарија негираше дека двата новооткриени стана се негови, вели дека ги изнајмил под кирија. Ако двата стана и плацот не се на Груевски, каде се тогаш сопствениците да поднесат жалба, се чудат обвинителите.

На Водно не биле замрзнати сите нелегално купени плацеви на Груевски, туку само поскапите, кои од шума, биле трансформирани во градежно земјиште, со повеќекратно зголемена цена за метар квадратен од таа за која ги купувал додека биле корија.
Од Обвинителството велат дека другите два стана кои гласат на мајка му Надежда, а кои се лепенка до двата новооткриени, во истата зграда на Бихаќка, не ги чепкаат. Нема да биде замрзнат како имот, ни станот на мајката во Капиштец. Тој во Аеродром го продала.

Еден од новооткриените станови на Груевски на улица Павел Шатев (Бихаќка) во Скопје, покрај постоечките два на име на мајка му Надежда, е на име извесна секретарка Т.С., дознава САКАМДАКАЖАМ.МК . Секретарката Т.С. е веќе сослушана во Обвинителството, изјавила дека станот не бил нејзин, неа само ѝ било дадено да потпише дека е нејзин.

Друг стан во истата зграда, за кој исто така истражители вршеа претрес, е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“. Во едниот од овие станови Груевски, осомничен за купување плацеви и недвижнини на Водно, имал огромна библиотека. Другиот го користел како работен кабинет.

Сите четири стана, двата на име на мајка му, на секретарката и на фирмата, биле со последователни броеви. Биле еден до друг. Два од нив се споени, дознаваме од станари, и зафаќале цел агол од зградата-комплекс на Бихаќка.

Во истрагата за плацевите на Водно, чие чело е обвинителката Лиле Стефанова, Груевски е првоосомничен за перење пари собрани од членарина на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ. Таа и истражителите утврдиле дека во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале братучедот Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Ристо Новачевски, кумот на Груевски во првиот брак, е третоосомничен.

Според истрагата, Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата. На тој начин се сомничи дека присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.

Парите од донациите, прибавени со кривично дело Затајување, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажала истрагата на Стефанова.

„Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петтоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, соопштени Обвинителството за организиран криминал во октомври лани кога беше oтворена истрагата.

Груевски скоро две ипол години е избеган во Унгарија, каде ужива политички азил и е надвор од сите истраги и судски процеси против него и против најблиските поранешни соработници, кои како помагачи, добар дел од нив судот ги притвори на барање на Обвинителството.

Извор : СДК.МК