Борбата со Ковид-19 се интензивира : Во Прилеп се дезинфицираат улиците, влезовите на здравствените установи и дворовите на училиштата

0
153

Согласно донесените одлуки на последниот состанок на Општинскиот кризен
штаб, денеска продолжија локалните активности за заштита на здравјето на
граѓаните на општина Прилеп од вирусот Ковид-19.

Со возила на Територијалната противпожарна единица, од раните утрински
часови се дезинфицираат главните и најпрометните улици во населбите на
градот, а со цел поголема безбедност на граѓаните кои деновиве ги посетуваат
здравствените установи, дезинфицирани беа и влезовите на Општата болница
„Борка Талески“, Центарот за јавно здравје, Здравствениот дом и Службата за
итна медицинска помош.

Покрај теренската дезинфекција, во текот на денешниот и утрешниот ден
стручни екипи ќе извршат темелна дезинфекција на работните простории во
училиштата и градинките во градот и населените места.

Ситуацијата со ширењето на коронавирусот во општината, добива сериозни
размери, а од тие причини градоначалникот Илија Јованоски и Општината
апелираат на доследно и строго почитување на пропишаните мерки за
заштита.

Граѓаните да не се групираат, да престане организирањето на забави во
викендиците во близина градот, одржување на физичка дистанца во
секојдневните контакти, редовно носење на заштитни маски, како и често
дезинфицирање на рацете и работните површини, се основните начини за да
се заштитиме себеси, здравјето на нашите најблиски и колективното здравје.