БОМБА ОД СЈО: Коста Крпач доброволно се јави како сведок, имаме докази дека се вршени притисоци врз него!

0
678

Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) најостро ги демантира наводите на одредени медиуми дека правело каков било притисок врз сега покојниот Коста Крпач.

„Ве известуваме дека лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова јавно обвинителство и имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова јавно обвинителство. Во оваа пригода, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач“, се вели во соопштението.

Оттаму известуваат дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Коста Крпач.

„Но, со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, тие нема да ѝ бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба, ние сме отворени за соработка со органите на прогонот што ја испитуваат смртта на сега покојниот. Во оваа пригода сакаме да појасниме и дека пред ова јавно обвинителство никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и тој никогаш немал својство на осомничено лице. Од тие причини, за нас нејасна е одлуката на претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и сè уште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци во врска со тоа од каде му се информациите на претседателот на Република Македонија дека, наводно, против ова лице се водела кривична постапка“, е наведено во соопштението.

Од СЈО им укажуваат на одредени медиуми да се воздржат од објавувањето тенденциозни написи и непроверени информации, кои не само што фрлаат невистинито светло на настаните, туку се на штета на утврдувањето на вистината и на задоволувањето на правдата.

„Повторно апелираме до сите медиуми пред да објават каква било информација, да контактираат со ова јавно обвинителство, за проверка на информациите што планираат да ги објават, особено имајќи предвид дека ова јавно обвинителство доследно го почитува начелото на транспарентност и во рамки на можностите, секогаш е отворено и достапно за соработка“, се вели во соопштението на СЈО.