БОМБА ОД СЈО: ВИДЕОСНИМКАТА СО КАМЧЕВ И БОКИ 13 ИМА ВРСКА СО ВРХОВНИОТ СУД, А НЕ СО НАС!

0
731

Спротивно на сите мислења од СЈО за да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења, велат од СЈО. – Принтскрин од видеото објавено од италијанскиот весник „Ла Верита“

Наспроти сите мислења од Специјалното јавно обвинителство судовите да не ги ослободуваат од притвор осомничените од предметот „Империја“, од видеоснимката што ја објавија медиумите се гледа дека Врховниот суд е тој што ги пуштил и постапил спротивно на мислењата што ги добил од ова јавно обвинителство, се огласи СЈО со соопштение.

„Спротивно на сите мислења од СЈО за да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења. Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот Рекет“, се вели во соопштението на Специјалното обвинителство.

Во врска со снимката поврзана со случајот „Рекет“ која што ја пренесоа повеќе медиуми, недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и одлуките на судовите, возвраќа обвинителството на Катица Јанева.

Потоа, СЈО хронолошки потсетува:

„На 6 февруари 2019 година ова Јавно обвинителство до Апелационен суд Скопје поднесе предлози за продолжување на мерката куќен притвор за трите осомничени лица. Постапувајќи по тие предлози Апелациониот суд Скопје на 7 февруари 2019 година донесе решенија за продолжување на мерката куќен притвор во времетраење од 30 дена. Потоа, против решенијата на Апелациониот суд Скопје трите осомничени лица (Орце Камчев, Цветан Панделевски и Ненад Јосифовиќ) изјавија жалби до Врховниот суд. По повод изјавените жалби, СЈО на 21 февруари 2019 година до Врховниот суд достави предлози, жалбите да се одбијат како неосновани и да се потврдат решенијата на Апелациониот суд за продолжување на мерката куќен притвор. Врховниот суд, и покрај ваквите предлози на ова Јавно Обвинителство, на 4 март 2019 година донесе решенија со кои се уважени жалбите на трите лица, решенијата на Апелациониот суд Скопје се преиначени и е укината мерката куќен притвор“.

За ова прашавме врховен судија од петчлениот кривичен совет на Врховниот суд којшто гласал за ослободување на Камчев и останатите од куќен притвор. Ни кажа дека тие морале така да гласаат, зашто претходно Општата седница на Врховниот суд донела начелно правно мислење дека не смее СЈО да отвора истраги по 30 јуни 2017 година.

„Тоа мислење е обврзувачко и вие како врховен судија мора да го почитувате“, ни одговори судијата