БОМБА НА ПОРТАЛОТ ФАКТОР: БАНКАТА НА ТРИФУН КОСТОВСКИ ИМАЛА 50 МИЛИОНИ ЕВРА КРЕДИТИ КОИ НЕ МОЖЕЛА ДА СИ ГИ НАПЛАТИ, ТОА Е 60% ОД ЦЕЛОТО КРЕДИТНО ПОРТФОЛИО!!!

0
147

Еуростандардбанка не најде инвеститор на кој банката би се продала, а кој би бил реално и издржано решение за нејзина одржливост на долг рок.

Ова за Фактор го тврдат од Народна банка на Македонија, на прашањето на Фактор дали не можеше да се најде подобро решение освен клучна врата за Еуростандард банка, односно таа да се продаде на субјект кој би можел да ја зајакне и така таа да продолжи да функционира.

„Еуростандард банка АД Скопје не обезбеди дополнителен капитал којшто беше потребно да се обезбеди за првата половина од оваа година, ниту издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика која би овозможила нејзина одржливост на краток и на долг рок“, велат за Фактор од централната банка.

Фактор од свои извори дозна дека за банката имало заинтересиран инвеститор кој денеска до 15.30 часот требало да достави обврзувачка понуда за купување на банката, во која би ја навел цената, условите, програмата за ревитализација и слично. 

Која е банката или фирмата што сакала да ја купи Еуростандард, нашите извори не откриваат, само се тврди дека инвеститорот бил бонитетен, за што оценка дала и реномирана странска ревизорска куќа.

„Тоа ќе значеше дека ако овие понудени услови беа прифатливи за централната банка, постоеше опција да се склучи зделка, а доколку не, тогаш ќе станеше дефинитивно јасно дека нема ништо од продажба на банката, па немаше ништо да се смени доколку се почекаше денеска во 16.30 часот да се објави дека се укинува лиценцата за работење на Еуростандард банка“, вели нашиот извор.

Според истите извори, со овој инвеститор се воделе интензивни преговори за продажба на Еуростандард банка, а со нив биле запознаени и високи кругови во државата.

Но, очигледно дека тој инвеститор од монетарните власти во земјава не бил оценет како реално и издржливо решение за банката.

Од тие причини, централната банка и ја укина дозволата за работа на банката на бизнисменот Трифун Костовски.

Инаку, од НБМ за Фактор објаснуваат дека вкупниот износ на кредитите кои во банката се нефункционални, односно за коишто во рамки на супервизорските активности се констатирани загуби и целосна или делумна ненаплатливост, којашто се има одразено на капиталната позиција на банката, изнесува 3,6 милијарди денари, што претставува нешто над 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на Банката.

„Поткапитализираност беше утврдена во текот на минатата година, но таа според Законот за банките не е основ за одземање на дозволата на банка, туку како што беше сторено и во овој случај, Народната банка ја задолжи Еуростандард банка да спроведе План за подобрување на состојбата, со мерки и активности за достигнување на стапка на адекватност на капиталот од 15 отсто најдоцна до 30 септември 2019 година и достигнување и одржување на заштитниот слој за зачувување на капиталот од 2,5 отсто од активата пондерирана според ризиците, најдоцна до крајот на минатата година.

Како што напоменав, Народната банка, минатата година резултираа со делумно спроведување на докапитализациите предвидени со Планот, но, и покрај тоа, Еуростандард банка не постигна стапка на адекватност на капиталот од 15 отсто, а причина за тоа беше материјализација на дополнителен кредитен ризик во нејзиното портфолио. Заради тоа беше констатирана потреба од дополнителен капитал и банката се задолжи да спроведе ревидиран План за подобрување на состојбата, којшто го опфаќа периодот 2020-2021 година. Но, акционерите на Еуростандард банка не ги спроведоа клучните активности предвидени со Планот – неопходните докапитализации“, објаснува гувернерката Анита Бежовска-Ангеловска.

Во однос на мерките што беа преземени од Народната банка, тврдат оттаму, напоменуваме дека беа неопходни да се спречи натамошно преземање ризици, во отсуство на капитал којшто може да ги апсорбира тие ризици. Ова беше клучно за заштита на билансот на Банката, а со тоа и на депонентите.

„Би потсетиле дека според принципите и стандардите во банкарското работење преточени и во нашата регулатива којашто во голема мера е усогласена со регулативата на ЕУ, во случај банка да се соочува со загуби коишто се резултат на лошо управување со ризиците, меѓу коишто е и кредитниот ризик, банката, а пред сѐ нејзините акционери се одговорни и должни за обезбедување дополнителен капитал со којшто би се покриле тие загуби.

Народната банка секако претпочиташе решение што би подразбирало обезбедување дополнителен капитал којшто ќе овозможеше Еуростандард банка да продолжи со работење во согласност со законската регулатива. Затоа ја задолживме Банката, односно нејзините акционери со спроведување на Планот за подобрување на состојбата да обезбедат нејзина докапитализација, и овозможивме адекватен простор за обезбедување на дополнителен капитал, вклучително и преку преговори на акционерите со потенцијални инвеститори.

Но, Еуростандард банка не обезбеди дополнителен капитал којшто беше потребно да се обезбеди за првата половина од оваа година, ниту издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика која би овозможила нејзина одржливост на краток и на долг рок.

Како што веќе соопштивме, укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка. Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на Еуростандард банка под два отсто. Со тоа, согласно со Законот за банките, Еуростандард банка е несолвентна. Поради ова, Народната банка, согласно со Законот за банките, до надлежниот суд достави предлог за отворање стечајна постапка во Еуростандард банка“, објаснуваат од централната банка.

ИЗВОР: ФАКТОР.МК