БОМБА НА ПОРТАЛОТ НЕЗАВИСЕН : ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ИСПИТА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ НА ЕКС – ДИРЕКТОРОТ НА ЕСМ, ВАСКО КОВАЧЕВСКИ

0
714

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе постапува по иницијативата на Антикорупциска за кривично гонење на екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, за случај поврзан со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Иницијативата два дена по Нова година стасала во ОЈО и е распределена кај обвинител кој ќе ги испитува наводите дали екс-директорот Ковачевски, други службени лица  вработени во ЕСМ и во Министерството за економија, кои биле дел од Комисијата за спроведување на набавката на мазут за потребите на ЕСМ/ТЕЦ „Неготино“ постапиле спротивно на закон.

„Иницијативата е примена во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 02.01.2024 година и е распределена кај јавен обвинител на постапување. Јавниот обвинител согласно своите надлежности ги презема сите неопходни дејствија за испитување на наводите во иницијативата по што ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“, одговорија од  Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за „Независен“.

Државната комисија за спречување корупција уште лани во јануари оформи предмет по сопствена иницијатива во врска со јавно изнесени наводи за незаконска набавка на мазут од страна на АД ЕСМ за потребите на ТЕЦ „Неготино“ со цел рестартирање на овој субјект за производство на електрична енергија.

Од Комисијата информираа дека „по оформување на предметот на 28.02.2023 година непознат подносител до ДКСК достави дополнителна документација, која се однесуваше на предметот, со цел ДКСК да ги испита состојбите наведени во пријавата. Вредноста на вкупната набавка е речиси 7 милијарди и 500 илјади денари или околу  212 милиони евра“.

Во предметот стои дека „набавката требало да ја изврши фирмата РКМ ДОО Скопје, при што била предвидена количина мазут  за која постои сомнеж дека не можела да биде испорачана за многу кус временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут“, информираа од ДКСК за медиумите пред десеттина дена.  (Н.В.)

Извор : Независен.МК