БОМБА НА ОРДАНОВСКИ: НЕМА ПОГОЛЕМ КРИМИНАЛ ОВИЕ 30 ГОДИНИ ВО ЗЕМЈАВА ВО КОЈ ОРЦЕ КАМЧЕВ НЕ Е ВМЕШАН ИЛИ Е ГЛАВЕН АКТЕР

0
8083

Не мора да сте филмски критичар за да знаете дека прославениот британски филмски режисер Алфред Хичкок – кој, патем, иако се смета за едно од најважните имиња во светската историја на „подвижните слики“, и покрај бројните номинации, само еднаш има освоено Оскар за најдобар филм (за неговото прво холивудско остварување, „Ребека“, во 1940 година) – љубеше лично да се појавува на по неколку секунди во своите филмови. Без изговорен збор, обично во сцените како случаен минувач или како дел од кадрите со луѓе во позадината, Хичкок се има „прошетано“ пред сопствената црно-бела камера дури 39 пати во вкупно 54 филмови.

Еднаш, во „Да се фати крадецот“, додека камерата го следи погледот на актерот Кери Грант, Хичкок се појавува во дел од секунда како се вози во автобус; другпат се прошетува со своите два териери (во „Птици“); неколку пати при појавувањата пуши пури, а ако добро ме држи памтењето, во неговиот филм „Чамец за спасување“ (така ли се преведува “Lifeboat”?!) неговиот лик и става на момент се појавува во реклама за слабеење испечатена на задната страница од весникот што го листа еден од артистите во филмот.

Не знам зошто, на оваа прочуена навика на ненадминатиот мајстор за филмски трилери деновиве ме потсети еден познат македонски бизнисмен чие име, на еден или на друг начин, задолжително „хичкоковски“ се појавува во бројни сомневања за крупни криминални афери во изминатите дваесет и кусур години. Во овие македонски „бизнис-трилери“, и во домашни и во меѓународни „копродукции“, понекогаш како „режисер“, а често и како главен актер, неговата појава ќе ни се „прошета“ пред камерите, небаре за да се потсетиме дека многу нешта не биле можни без неговиот креативен деликвентски придонес. По правило, се работи за високобуџетни проекти во кои редовно има компликувани политички заплети, со згодни девојки и избрана артистичка екипа од крупното македонско подземје. Како во боливудските хитови, сето тоа е подмачкано со многу барели скап алкохол, со редовни баханалии и најфино бело брашно за месење коруптивни погачи.

Што е право, и покрај големата трилер-продукција зад него, тој никогаш го нема освоено македонскиот „правосуден Оскар“. Сепак, како што тргнало, и нему, како на Хичкок, не треба да исклучиме дека може да му се посреќи барем еднаш во неговата кариера да светне во полн сјај на сцената при доделувањето на наградата за „животно дело“. Во моментов е номиниран барем во неколку главни и поспоредни категории, чекајќи во неизвесност како за овој негов маркантен придонес ќе се произнесат овдешните обвинителско-судски „жирија“.

Затоа и не чуди што, со оглед на портфолиото, неговото име се врзува со финансирање на крупни операции за рушење на актуелната номенклатура на власт во македонскиот „Холивуд“. Во игра се финансирање на поткупи и рекети, широкоградо се плаќаат опозициски медиумски проекти и партии, па дури се сомнева и за буџетирање на странски продукции за блокада на македонските евро-интегративни процеси, само и само за да се урне кредибилитетот на оние кои – наводно – решиле да го закитат со „Оскар“.

Јас би рекол: „Да видиш, да не веруваш“! Нашиов бизнисмен, како и Хичкок, е потврден мајстор за пресврти во решавачкиот момент на дејствието на филмот.

Всушност, има еден филм во кој се појавува Хичкок („Топаз“, од 1969 година), што може да е совршена метафора за расплетот на овој криминален трилер во македонска продукција: во неколку секунди додека камерата поминува низ атмосферата на еден аеродром, Хичкок, кого за момент го туркаат во инвалидска количка, наеднаш станува, се поздравува со некого и „излегува“, на десно, од сцената…

Хе-хе-хе: посрнатиот наеднаш ќе се крене, ќе стегне рака и ќе си замине во луксузен заборав. Со недоделен Оскар. Како Кери Грант во „Да се фати крадецот“.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ .