Репетирал пиштол, им се заканувал на колеги полицајци на аеродромот, сакал да ја носи Вјоса Османи со кола по писта, а го пратил спикерот Гаши – ова стои во кривична пријава за „шерифот“ од обезбедувањето на спикерот Африм Гаши, која ја подготви Внатрешната контрола на МВР.
Осомничен е Сабедин Синани, шефот на обезбедување на Гаши и вработен во МВР.
Го гонат за две дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Според пријавата Синани на први август претпладне стигнал со возило со полициска ротација.
ИЗЛЕГОЛ ОД ВОЗИЛОТО И ОД ПОЈАСОТ ГО ИЗВАДИЛ ПИШТОЛОТ, ГО РЕПЕТИРАЛ И ПОВТОРНО ГО ВРАТИЛ ВО ПОЈАСОТ, А НА ПОЛИЦИСКИОТ СЛУЖБЕНИК ОД ПС ЗА ГП МЕЃУНАРОДЕН АЕРОДРОМ СКОПЈЕ КОЈ ИЗВРШУВАЛ РАБОТНИ ЗАДАЧИ ПРЕД ВРАТАТА НА ВИП САЛОНОТ МУ СЕ ОБРАТИЛ НА ВИСОК ТОН, ГО ТУРНАЛ НАНАЗАД СО ДВЕТЕ РАЦЕ И ЗАКАНУВАЈЌИ МУ СЕ ГО СПРЕЧИЛ ПОЛИЦИСКИОТ СЛУЖБЕНИК КАКО СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ ВО ИЗВРШУВАЊЕ НА НЕГОВИТЕ СЛУЖБЕНИ ДЕЈСТВИЈА, СООПШТУВААТ ОД МВР.
Потоа началникот Синани влегол во ВИП салонот, во област каде нема безбедносно овластување ниту да припари и почнал на колегите полицајци да им се заканува по живот.
Дури барал да ја вози претседателката на Косово Вјоса Османи по писта до авионот за кој таа имала карта за комерцијален лет. Во соопштението е спомнат и спикерот Гаши.
ПРИЈАВЕНИОТ С.С. БИЛ ИСПРАТЕН НА МЕЃУНАРОДЕН АЕРОДРОМ СКОПЈЕ ОД СТРАНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕ СО ЦЕЛ НАДМИНУВАЊЕ НА НЕДОРАЗБИРАЊЕТО КОЕ НАСТАНАЛО СО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА КОСОВО ВО ВРСКА СО БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПРЕГЛЕД НА БАГАЖ И ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИ ПРИ ЛЕТАЊЕ СО КОМЕРЦИЈАЛНИ ЛЕТОВИ, ВЕЛАТ ОД МВР.
Гаши не одговори на прашањата на Телма за коментар.
И додека МВР и внатрешната контрола претпладнево го подготвуваа соопштението, во владата се одржа средбата меѓу делегациите на Македонија и Косово, предводени од премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти.
На прашањето за политичката одговорност на коалициониот партнер, премиерот наведе дека случајот се истражува во две насоки – пред инцидентот со претседателкта Османи и после, не одговори директно но порача дека ќе има одговорност за сите инволвирани.
Спомна и други два инциденти од септември и октомври лани, но не посочи повеќе детали правдајќи се со истрагата.
Се понуди, секој нареден пат кога Вјоса Османи ќе биде на аеродромот, тој да ја придружува додека чека авион. Премиерот Курти рече дека претседателката на Косово била ставена во непријатна состојба, но ќе чека официјални извештаи за да се определат акциите на косовската дипломатија за случајот.
И двајцата премиери изразија надеж дека дипломатската соработка нема да трпи, а нема да се повторат ниту слични недоразбирања како што беше последниот со претседателката Османи.
Миомир Серафиновиќ
Извор : Телма