Monday, May 19, 2025
8.8 C
Skopje

БИТИЌИ: МАКЕДОНИЈА НА ДНОТО ВО РЕГИОНОТ ПО ЕКОНОМСКИ РАСТ И СПОРЕД СВЕТСКА БАНКА

Прес-конференција, Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ

Почитувани претставници на медиумите,
Светската банка ја ревидираше својата проекција за растот на македонската економија за 2025 година од 3,0% на 2,6%. Надолната ревизија продолжува и за 2026 година, со очекуван раст на БДП од 2,7%, наместо претходно проектираните 3,2%. Станува збор за сигнал кој произлегува од реалните економски текови, не од желби и политички маркетинг. Светската банка не се занимава со реторика, туку со економска логика според која и во 2027 година се очекува раст од 2,8% – и тоа треба да го земеме сериозно.
Ако ја погледнеме и регионалната перспектива, Северна Македонија се соочува со уште еден неповолен факт – нашата земја има најниска проекција за раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2%. Истовремено Светска Банка забележува дека земјата се соочува со проширен фискален дефицит, слабеење на трговската позиција, номинално забавување на инфлацијата, но притоа идентификувајќи домашни ценовни притисоци кои сигнализираат дополнителни ризици за стабилноста на куповната моќ. Сето ова упатува дека просторот кој Светска Банка го детектира за брзо економско закрепнување е многу потесен отколку што се претставува во јавноста од страна на Владата.
Почитувани,
Со оваа надолна ревизија на проекциите, Светската банка укажува дека македонската економија во моментов не покажува динамика која би можела да поддржи стапка на раст над 3%. Во таков контекст, проекциите за 3,7% или дури 4% што ги слушаме од одредени владини претставници, се повеќе личат на претпоставки, отколку на факти произлезени од економска анализа.
Најдобра потврда за тоа се тековните макроекономски индикатори. Индустриското производство, како чувствителен барометар на реалната економија, покажува длабоко нестабилна слика. Од септември до декември 2024 година бележеше континуиран пад, со минимален позитивен раст во јануари од 1,4%, за потоа повторно да се врати во негативна зона од -0,8% во февруари. Овие флуктуации упатуваат на отсутност на предвидливост и стимулативна економска политика.
Истовремено, имаме нарушувања во ликвидноста кај компаниите – поради доцнење на повратот на ДДВ и на исплатата на договорните обврски од страна на државата – што дополнително ја згаснуваат економската активност. Времето за кое фирмите чекаат наплата од државата достигнува од 6 до 9 месеци, што е системски ризик кој ја намалува стопанската активност.
Што се однесува до средства од унгарскиот кредит – 250 милиони евра за приватниот сектор и 250 милиони за општините – сè уште не се рефлектираат во агрегатните податоци. Доколку тие беа ефективно инкорпорирани во економијата, се очекуваше барем иницијален сигнал за инвестициска активност. Но, таков сигнал не постои.
Дополнително, реализацијата на капиталните расходи на централно ниво изнесува само 13,55% до крајот на април, а кај општините просекот е околу 3%, со екстремни случаи и под 1%. Под вакви услови, очекувањата за раст од над 3% на БДП се економски неосновани. Ниту една економија не може да генерира раст без продуктивни инвестиции – било да се јавни или приватни.
Затоа, не станува збор за тоа дали бројките на Светската банка се точни. Станува збор за тоа дали сме подготвени да се соочиме со фактите. А фактите велат: тековната економска политика на Владата не создава простор за здрав и одржлив раст на БДП над 3%. А од друга страна имаме владин модел во кој очекувањата се повисоки од капацитетите.
Но, дури и проектираниот раст од 2,6% нема да го почувствуваат граѓаните. Инфлацијата и понатаму ја нагризува куповната моќ – индексот на трошоци на живот во првите три месеци од годинава се движи од 2,7% до 5,0%, додека цените на мало растат со слична динамика од 2,2% до 5,2%, што значи дека основните производи стануваат сè помалку достапни. Северна Македонија останува земја со најниски плати во регионот, а истовремено со едни од највисоките цени. Додека пак владините мерки за ограничување на маржите, онлајн објавување на цените од страна на маркетите, како и симболичните обиди со „новогодишната кошничка“ останаа без резултати. Празничната трпеза за Први Мај ќе биде поскапа и поскромна за работниците.
Почитувани,
Ако нешто е опасно за економијата, тоа не е надолната корекција проекција на Светска банка, туку високата самодоверба во сопствените илузии. Време е да се напушти комуникацијата на желби и да се премине кон политика на резултати. Економијата не простува игнорирање на реалноста, таа секогаш ги наградува оние што дејствуваат врз основа на факти, а не на желби.
Ви благодарам на вниманието.

ОВАА НЕДЕЛА

ФИЦО ЗАПЛИВА ВО ДУНАВ ПО ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА НЕГОВОТО ЗДРАВЈЕ

Словачкиот премиер Роберт Фицо објави фотографија на која плива...

ПОЧИНА НИКОЛЧЕ ЗДРАВЕСКИ, ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА НА ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА

На 54-годишна возраст почина легендата на прилепска Победа и...

И АРБЕН ФЕТАИ ГО НАПУШТИ ТАРАВАРИ: ОВА НЕ Е БОРБА ЗА ПОЕДИНЕЦ, ОВА Е БОРБА ЗА ДОСТОИНСТВО

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење и висок...

ВИТКОФ: ОЧЕКУВАМ УСПЕШЕН РАЗГОВОР МЕЃУ ТРАМП И ПУТИН

Главниот преговарач на американскиот претседател Стив Виткоф, кој работи...

ХАЈРЕДИНИ: ГОЛЕМА ГРЕШКА Е ДОКОЛКУ СТАВРЕСКИ ЈА ЗАМЕНИ АКТУЕЛНАТА ГУВЕРНЕРКА БЕЖОВСКА

Премиерот Христијан Мицкоски би направил голема грешка доколку се...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ