БЕТМЕН 4 ЧАСА НА РАСПИТ ЗА НАСТАНИТЕ ОД 27-МИ АПРИЛ, СЕ ВАДЕЛ ДЕКА БИЛ ДА МОЧА ДОДЕКА ГИ ТЕПАЛЕ ЗАЕВ И СЕЛА

0
1355

Митко Чавков, Крсто Мукоски, Игор Југ и Јане Ченто се дел од вкупно дестмина осомничени за крвавиот четврток кои не дале исказ во истрагата, а последни на распит во обвинителството вчера биле Богдан Илиевски и Горан Ѓошевски. Во меѓувреме Хелсиншкиот комитет за човекови права оцени дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле приведени и притворени во законски определена процедура.

Повеќе од 4 часа траел распитот на Горан Ѓошевски, поранешниот шеф на собраниското обезбедување на екс спикерот Трајко Вељановски, и осомничен за насилствата на 27-ми април. Информацијата ја потврдија од истрагата, а Ѓошевски во обвинителството за организиран криминал и корупција вчера давал исказ во кој ја оправдувал својата улога за време на крвавиот четврток.

Покрај Ѓошевски, вчера во обвинителството на распит бил и Богдан Илиевски, кој исто така е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Илиевски кој важи за еден од организаторите на иницијативата За заедничка Македонија, тврдел дека многу кратко се задржувал во собраниската пленарна сала.

Минатата недела биле сослушани и пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов на кои им биле презентирани докази за сомнежите на обвинителството. Адвокатите на притворените пратеници без детали го потврдија распитот во рамки на истрагата.

Досега на распит се уште не се повикани екс министерот Митко Чавков, ниту пратеникот Крсто Мукоски кој е осомничен дека го сторил делото со тоа што заедно со Сашо Василевски ја отвори вратата.

Пред обвинител не се појавиле ниту Игор Југ, Јане Ченто, и уште неколкумина од притворените. Од обвинителството кратко изјавуваат дека распитите ќе завршат по подготвен распоред на истрагата.

Денеска Хелсиншкиот комитет за заштита на човекови права соопшти дека ја разгледал претставката на ВМРО-ДПМНЕ за притворените пратеници и не утврдил прекршување на имунитетот, но нотираше замерки за апсењето.

– Комитетот не можеше со сигурност да утврди дали на пратениците неосновано им се ставени лисици само со цел тие да се омаловажат и понижат. Доколку тоа се утврди, истото ќе претставува повреда на домашните полициски процедури, како и повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права. Фактот, пак, дека на приведувањето сведочеле членови на нивните семејства бездруго е несакана последица, но истата е своевидна колатерална штета на овие мерки кои треба да се користат во исклучителни случаи, па во таа смисла не наоѓаме дека во конкретниот случај осомничените се дискриминирани во однос на другите граѓани, стои во соопштението на ХКЧП.

Хелсиншки апелира судот покритички да ја проценува основаноста на мерката притвор, чие одредување треба да е согласно со европската конвенција.

Извор: Телма