БЕСИМИ : СО ЕК ГИ ПОСТАВИВМЕ ОСНОВИТЕ ЗА НАШАТА РЕФОРМСКА АГЕНДА ЗА ПЛАНОТ ЗА РАСТ, ПРОДОЛУВА РАБОТАТА НА ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ

0
365

23 ноември 2023, Брисел – Република Северна Македонија, заедно со другите земји од Западен Балкан, денеска на билатерални состаноци во Брисел ги утврдуваа основните елементи на реформските агенди што треба да ги подготват за Планот за раст на ЗБ . Во рамки на тој процес во Брисел на билатерален состанок учествуваше делегација на РС Македонија предводена од министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Имавме навистина корисен состанок на кој се исцртаа основните контури по кои треба да се движиме во подготовката на нашата реформска агенда во рамки на процесот на имплементација на Планот за раст на ЗБ. Процесот се одвива со голем интензитет и таа динамика е посакувана и од страна на ЕУ и од страна на нашата земја. За неполни 10 дена се реализираа два чекори во тој процес и тоа дава основа дека посветеноста и од двете страни е на високо ниво“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека РС Македонија и Владата ја истакнуваат евроинтеграцијата како врвен приоритет и дека реформите што ќе бидат содржани во новата реформска агенда не се непозната, но дека она што е важно со овој План е давањето поголем фокус на спроведувањето на приоритетните реформи и поголем фокус од ЕУ во поддршката за спроведување на тие реформи.

„По овој состанок следува домашната задача во координација со ЕК. Ќе ги вложиме сите напори да ја одработиме на потребното ниво и во најкраток можен рок, за да може спроведувањето на реформите да ги носат бенефитите дома побрзо“, потенцира Бесими и додаде дека реформската агенда ќе опфати структурни реформи од најновата Програма на економски реформи (ПЕР) и поврзаните Заеднички заклучоци договорени на Економскиот и финансиски дијалог, како и од ревидираната методологија за проширување, најновиот пакет за проширување и од Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан.

Согласно утврдената динамика во рамки на процесот на имплеменетација на Планот за раст на ЗБ, првичните елементи на реформските агенди треба да бидат испратени до ЕК во текот на наредниот месец, а целосната реформска агенда да биде завршена до почетокот на вториот квартал од 2024 година, по што ќе следува и конкретната реализација на реформите по утврдена динамика и исплата на средствата кон земјите за поддршката на таа реформска агенда.

Со Планот за раст на ЗБ е предвидена финансиска поддршка до 6 милијарди евра за земјите од Западен Балкан. Согласно распределбата на РС Македонија и стојат на располгање 860 милиони евра, за кои ќе има однапред утврдена динамика на повлекување. Реализацијата на овој реформски процес во земјата ќе го следат Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии.