Бертелсман: Македонија и натаму назадува во демократијата!

0
598

Македонија бележи натамошен пад според Индексот на трансформација кој го објавува угледната германска фондација Бертелсман на период од две години, објавува денеска Дојче Веле на македонски јазик.

Извештајот за Македонија е правен за периодот 2014-15 година, и во него не се опфатени дел од случувањата од крајот на минатата и почетокот на оваа година на политичката сцена.

Во однос на претходниот извештај објавен во 2014, Македонија најмногу назадувала во политичките критериуми, поточно во делот на владеењето на правото, и стабилноста и демократските институции. Кај економските параметри нема поголемо назадување но се констатира статус-кво, а позитивно е оценет единствено економскиот раст.

Фондацијата нотира дека земјата и натаму се води како „дефектна демократија“ заедно со Црна Гора, Србија, Унгарија, БиХ, Албанија и Косово, а во регионалниот извештај Македонија се потенцира како еден од примерите за назадување.

Владејачките партии во Унгарија- Фидес и Македонија- ВМРО-ДПМНЕ, според регионалниот извештај, „доминираат со парламентите и го прошириле своето влијание врз судството, медиумите и другите институции“, а „тоа го прават преку користење на техниките на популистичка мобилизација“.

Во делот на безбедноста, во Извештајот се нагласува дека голем предизвик за државата се приватните безбедносни агенции, при што посебно се истакнува опасноста што „една компанија, Security Group Services (СГС), во меѓувреме доминира на пазарот на приватното обезбедување и добива најголем дел од јавните договори за услуги за обезбедување“.

„Иако сопственичката структура на компанијата е нејасна, медиумските извештаи ја поврзуваат со директорот на цивилната разузнавачка служба, кој е роднина на премиерот“, пишува во Извештајот.

Во однос на слободата на говорот и медиумите, се цитираат и делови од извештајот за човековите права на американскиот Стејт Департмент, каде „владиниот притисок врз медиумите“ се оценува како растечки проблем.

„ Водечките медиуми имаат тенденција да известуваат исклучиво позитивно за владините активности. Бројни новинари се под притисок да го прифатат про-владиниот аспект или да останат без работа, што ја зголеми и авто-цензурата“, изтакнува Фондацијата.

Во делот на судството се наведува дека „директното владино мешање останува сериозен проблем“.
„Владата исто така има и буџетска контрола за влијание врз судството. Дополнително, процесот на именување и отпуштање судии, иако ставен во надлежност на независен судски совет, делува како да е длабоко политизиран“, се наведува во извештајот на фондацијата Бертелсман за Македонија.