АЈ НЕК СЕ УГОДЕ И НЕК Е АИРЛИЈА МАЛЕ : Почна изградбата на ,,Штип Сити Мол” , инвестиција вредна 10 милиони евра

0
836

Почна изградбата на „Штип Сити Мол“, кај новиот Аква парк. Инвестицијата е 10 милиони евра на фирмата „Дик Фагус“ од Штип, а има потенцијал да отвори нови 250 работни места.

Сопственикот на фирмата „ДИК Фагус“, Горан Јордев истакна дека оваа фирма е во сопственост на „Пеком инжињеринг“, која 30 години успешно работи во Штип.

-„Штип Сити Мол“ како проект го посветуваме на Штип, на регионот, на младите, на развојот и на убавата иднина. Проект, што ќе биде готов 2022 година и подразбира изградба на модерен бизнис центар со познати брендови на едно место и специфичен хотелскиот објект, којшто ќе биде огледало на квалитетот и дизајнот на нашите производи. „Штип Сити Мол“ ќе претставува двигател на економскиот развој во нашиот град и пошироко во регионот, вели Јордев.

Истакна дека сакаат на граѓаните на истокот и југоистокот да ги донесат поблиску големите брендови и на едно место да понудат содржини карактеристични на модерното и урбано живеење.

– „Дик Фагус“ изминатите 15 години растеше и нескромно ќе кажам дека сме лидери во дрвната индустрија и една од првите дизајн ориентирани компании, која својот производ надвор од Македонија го продаваат под своја име и како македонски производ, вели Јордев.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на денешниот свечен старт на инвестицијата „Штип Сити мол“ истакна дека и во време на коронакриза Владата носи клучни одлуки со цел да помогне на бизнис секторот, но и да продолжат со инвестициите.

-Токму заради тоа и фирмите се стабилни и оние најхрабрите веќе почнуваат да инвестираат и отвараат нови капацитети за своите фирми, но и за сите граѓани. Убеден сум дека овој објект е една нова пресвртница на градот, што ќе даде шанса за нови работни места, преку нови 250 работни места, којшто ќе даде и шанса да помогне на целата економија во градот, вели Бочварски.

На свечениот почеток на изградбата на единствениот ваков мол на истокот присуствуваа и вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов, потоа идниот градоначалник, Сашко Николов и бизнис партнери и пријатели на „Дик Фагус“ –Штип.