Стотина жители на улица „Пере Тошев“ од Прилеп се чувствуваат крајно изневерени затоа што, како што тврдат, градоначалниикот Марјан Ристески не ги исполнил предизборните ветувања за нивниот децениски комунален проблем.
Тие бараат да се урне дивоградбата на улица „Александар Македонски“ бр. 168 и да им се отвори пешачка патека. Тврдат дека законска пречка нема, зашто пешачката патека била предвидена и со Деталниот урбанистички план. Но, ја обвинуваат локалната власт, особено градоначалникот Ристески, за неисполнување на изборните ветувања, кои тврдат, нему му донеле и избирачки гласови од сите жители на улица „Пере Тошев“.
Гоце Колески, жител на ул. „Пере Тошев“ од Прилеп
Законскиот полномошник на жителите на ул. „Пере Тошев“, адвокатот Жаре Стеваноски тврди дека нема никакви законски пречки за да се оствари барањето за отворање пешачка патека. Затоа вели, итно ќе поднесе писмено барање до општинската администрација,за да се урне и останатиот дел од дивоградбата на ул. „Александар Македонски“ (поранешна „Моша Пијаде“), а во зависност од постапката на градежната инспекција, ќе преземе и натамошни мерки.
Жаре Стеваноски, адвокат
За овој проблем побаравме одговор од локалната самоуправа. Од Одделот за односи со јавност не упатија на адреса на кабинетот од градоначалникот Ристески. Но, шефицата на кабинетот,Марија Секулоски не одговори на телефонскиот повик, ниту на електронската и на на СМС пораката.
Ваквиот однос на прилепската локална самоуправа станува практика, веќе подолг период, при секој обид да се добие конкретен одговор, за конкретен проблем на кој се жалат граѓаните. Со ова се попречува процесот на објективно и балансирано информирање на јавноста. Иако локалната самоуправа и градоначалникот се институции кои не само законски, туку и морално, треба да одговараат на сите реакции и барања на граѓаните, зашто од нив го добиле легитимитетот, но и обврската – да одлучуваат и да ги решаваат нивните проблеми.
Текст и видео: Моника Талеска
Извор : Цивил Медиа