АХВ: Не ги подигајте сами мршите, информирајте го дежурниот ветеринар

0
716

Сопствениците на животни да го пријават секое угинато или исчезнато грло на матичниот ветеринар од надлежното ветеринарно друштво со кое имаат склучено договор или до Агенцијата за храна и ветеринарство, апелира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„Сопствениците на угинати животни од поплавите сами да не вршат подигање и отстранување на мршите бидејќи истите се потенцијален извор за појава и ширење на зарази. Доколку имаат сознанија за угинато животно во поплавите, граѓаните потребно е да информираат дежурните официјални ветеринари од тимовите стационирани во пунктовите во населените места Инџиково и Црешово и во основните училишта 25 Мај во Сингелиќ и Кирил и Методиј во село Стајковци.
Без оглед на тоа дали станува збор за крупен, ситен добиток или за угинати домашни миленици, истите се евидентираат по што се врши нивно подигање и закопување со соодветна механизација на локација која е одредена од страна на општините, која не претставува опасност ниту за животната средина ниту за луѓето“, апелира АХВ.

Стручни тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со ветеринарните друштва и комуналните претпријатија, досега од регионот на Стајковци и Сингелиќ извршија извлекување, евидентирање и нештетно отстранување на 63 угинати овци, и кози, 12 свињи, 250 пилиња, 160 гулаби, на 2 кучиња и 1 мачка, како и на 18 грла говеда, 1 јаре, и 6 зајци.

Во ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, во населените места Арачиново, Брњарци, Инџиково, Сингелиќ, Смиљковци, Стајковци и Страчинци и Црешово, евидентирани се вкупно 365 активни одгледувалишта ( каде што се чува жив добиток) со 2481 говедо, 3354 овци и кози.