АРСОВСКА : НЕОПХОДНА Е СИСТЕМСКА ПОДДРШКА И ФЕР ТРЕТМАН ЗА КАРИЕРЕН НАПРЕДОК НА ЖЕНИТЕ

0
551
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска учествуваше на трибината „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата”, во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии Вилфред Мартенс каде учество имаше и европратеничката, Марион Валсман.
Учесниците на панел дискусијата изразија задоволство од организацијата на настанот, имајќи ја предвид актуелноста на темата.
Арсовска истакна дека жените се стремат кон стил на лидерство кој е покооперативен и инклузивен, како и дека повеќе жени претставници на раководни функции е поврзано со пониско ниво на корупција.
– Во Македонија под 1% има жени на лидерски корпоративни позиции, а жените одлучно можат да водат и да создаваат инклузивни општества, како и да создадат поинаква можност за демократичност во одлучувањето. Постојат докази кои сугерираат дека овозможување учество на повеќе жени во политиката води до подобра имплементација на услугите и инфраструктурата за социјална и здравствена заштита. Жените лидери можат да ја менуваат рамката на политиката, со воведување законодавство од областа на решенија за сузбивање родово базирано насилство. Жените лидери се поврзани со пониски нивоа на конфликти, помалку прекршувања на човековите права и ја зголемуваат довербата во институциите – истакна Арсовска.
Арсовска се осврна и на родовото базирано насилство, кое е општествен проблем, како и дека суровоста со која се напаѓаат жените е навистина загрижувачка и за надминување на овие состојба неопходна е заедничка работа и голема поддршка.
На настанот се дискутираше за предизвиците со кои жените се соочуваат во политичките процеси, како и за можните системски решенија за надминување на детектираните недостатоци. Во оваа пригода беше изразена и загриженост за родовата нееднаквост во политичките процеси и беше истакнато дека родовата еднаквост е битка за владеење на правото и човековите права, а општеството треба да е пристојно место за политички натпревар.
– Во општеството мора да постои систем на поддршка за сите жени кои се предмет на напад, да се цени квалитетот, да постои меритократија како критериум наместо политичка припадност. Доколку жените се дозволи да бидат напаѓани, да нема осуда и одговорност за таквите постапки, нема да се постигнат целите кон кои сите се стремиме и жените се поретко ќе се охрабруваат да учествуваат во изборните процеси. Искучително е важно обезбедување системска поддршка која ќе гарантира економска сигурност и финансиска независност, како и фер третман за овозможување кариерен напредок на жените –истакна Арсовска.