„Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но, таа средба не беше отворена за јавноста, па медиумите мораа да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран“, изјави градоначалничката на Скопје во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител
За состојбите во главниот град таа повторно прстот го впери во советниците во Град Скопје, кои, како што кажа, не ги гласаат одлуките, поради што оставка треба да се бара од нив, а не од неа.
Апсурдно е да зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Ова го изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, прашана дали утре е крајниот рок до кога треба да го достави планот за надминување на проблемите со хигиената и со јавниот превоз во главниот град.
Таа изјави дека ѝ е многу жал што на средбата во Владата пред два дена, на премиерот Мицкоски му се чинело дека нема план. Арсовска рече дека на состанокот понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.
„Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но, таа средба не беше отворена за јавноста, па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план“, рече градоначалничката на Скопје.