Државната комисија за спречување корупција, добила анонимна претставка во која пишувало дека новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски наводно не ги исполнува условите за да биде директор, потврди за „Слободен печат“ претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска.
Пристигната е претставка од анонимен подносител за наводно непоседување услови на новоназначениот директор на Агенцијата за национална безбедност. Ќе отвориме предмет и ќе се постапува по претставката а нејзината содржина дополнително не можам да ја образложувам, изјави за „Слободен печат“ Димитровска. Бојан Христовски, новиот директор на АНБ изминатите денови претставува причина за остри критики од страна на опозицијата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера изјави дека со назначувањето на Христовски, според него, направено е „партиско киднапирање“ на Агенцијата за национална безбедност.
Ќе ги информираме сите наши стратешки партнери и ќе побараме реакција од нив за ова назначување – рече Филипче. СДСМ го критикува назначувањето на Христовски за директор на АНБ, затоа што немал сертификат со степен „државна тајна“ а во прашање го доведуваат и неговиот сертификат за познавање англиски јазик. Христовски досега не ги коментира наводите за неговото образование, но во интервју за емисијата „Код“ истакна дека има сертификат со степен „строго доверливо“, а аплицирал и за сертификат со степен „државна тајна“.
„Цела кариера сум поседувал безбедносни сертификати до највисок степен до државна тајна, сè до 2019 кога во една политички монтирана безбедносна хајка во која беа вклучени високи функционери во УБК, не ми беше продолжен новиот безбедносен сертификат и следниот период немав поднесено барање за нов сетрификат, бидејќи не бев распореден на такво работно место. По повторно вработување во МВР аплицирав за безбедносен сертификат строго доверливо и го добив. Денеска со доаѓањето во АНБ почнав постапка за добивање највисок степен на класификација“, рече Христовски во интервјуто за „Код“.
Зборувајќи за својата кариера во безбедносниот сектор рече дека работи во УБК од 2006 година поминувајќи ги скалилата на приправник, инспектор, раководител на сектор, посетувал многу обуки од кредибилни западни партнери. Но, како што рече Христовски, кога УБК се трансформирала во АНБ, за него биле правени лажни службени белешки. Запрашан што мисли за аферата со прислушувањето на комуникациите тој рече:
„Лично бев вознемирен, изненаден, разочаран. За тоа народот на изборите кои следеа одлучи за таа афера. Јас тогаш бев началник на сектор неповрзан со одделот кој незаконски следел комуникации. Така, не сум бил во позиција да барам објаснување за следењето на комуникациите од тие над мене, бидејќи структурата е пирамидална, се знае кој на кого му одговара“, рече Христовски.
Коментирајќи го тоа што до неодамна беше партиски човек на ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека формално се откажал од членство во партијата и дека може да направи разлика меѓу својата идеолошка определба и професионалниот ангажман. Тој зборуваше дека во 2023 година со одлука на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, бил вратен на работа во МВР.
Христовски најави дека од моментот на неговото назначување, во Агенцијата за национална безбедност ќе се воведе полиграфско тестирање за вработените, затоа што досега таа законска можност не била искористена од неговите претходници и во АНБ немало воопшто ниту вработен полиграфист. Премиерот Христијан Мицкоски го поддржува назначувањето на Христовски и изјави дека нему му била нанесена неправда кога му бил одземен безбедносниот сертификат.