АНКЕТА НА КУРТОН ВЛАЈКО: Доколку изборите се одржат на крајот на јуни или првата половина на јули, на гласање велат дека ќе излезат 48,2 отсто од анкетираните!

0
1318

Речиси половина од граѓаните сметаат дека изборите треба да се одржат по крајот на летото, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, најголемиот дел од граѓаните или 24,2 отсто сметаат дека изборите треба да се одржат во септември, додека 22,8 отсто се на ставот дека избори треба да има после септември. Најмал е процентот на граѓани кои сметаат дека изборите треба да се одржат во јуни. Ваков став имаат 15,1 отсто од анкетираните. За избори во јули се 17,6 отсто, а за изборен датум во август, 15,8 отсто од анкетираните.

Доколку изборите се одржат на крајот на јуни или првата половина на јули, на гласање велат дека ќе излезат 48,2 отсто од анкетираните додека 35,1 отсто велат дека нема да гласаат.

Ова е значително намалување во однос на тоа колкумина од граѓаните биле подготвени да гласаат пред корона кризата. Според резултатите од истражувањето,74,7 отсто од анкетираните изјавиле дека пред корона кризата планирале да гласаат на парламентарните избори, додека само 18,1 отсто планирале да апстинираат.

Доколку рестриктивните мерки за социјална дистанца, носење маски и ракавици се уште се на сила, на гласање велат дека ќе излезат 45,7 отсто од анкетираните, додека 33,7 отсто велат дека нема да
гласаат.

Ако надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање се изјасниле дека ќе излезат 69,6 отсто од граѓаните, додека 19 отсто велат дека нема да се појават пред гласачките кутии.

Само со повик од политичарите да се излезе на гласање, мнозинството граѓани велат дека не се чувствуваат безбедно за да учествуваат на изборите, 38,9 отсто од граѓаните велат дека доколку политичките лидери изјават дека кризата е завршена и повикаат на гласање, тие нема да се чувствуваат безбедни да гласаат, додека 37,5 отсто велат дека ќе се појават на гласачките места.