АНДОНОВСКА : ПОЧИНАТИОТ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Е ЗАРАЗЕН ВО ЗЕМЈАВА

0
61

Од почетокот на годината досега во Институтот за јавно здравје биле извршени вкупно 30 тестирања за западнонилска треска, од кои кај четири лица е потврдено дека се позитивни на вирусот. Ова денеска во изјава за медиумите го соопшти в.д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, откако претходно оттаму соопштија дека 78-годишен маж од Чешиново-Облешево починал од западнонилска треска на Инфективната клиника.

Две од лицата кај кои било потврдено присуство на вирусот патувале во странство, додека другите двајца, меѓу кои и пензионерот од Чешиново-Облешево, во епидемиолошката анкета рекле дека не патувале никаде.

-Првиот случај е тестиран во април, лицето е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во месец јули е тестиран во Институтот за јавно здравје. Третиот случај е тестиран од Институтот за јавно здравје во месец август, човекот е од Тетово и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. И четвртиот и последен случај е тестиран во Институтот за јавно здравје на 12 септември. Човекот е од Чешиново-Облешево и бил хоспитализиран на Инфективната клиника и, за жал, истиот е починат. При епидемиолошката анкета истиот дал податок дека не патувал никаде, рече Андоновска.