АНГЕЛОВ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ПО ПОВОД НАТО ВЕЖБАТА ВО СТРУГА И ОХРИД : САМО ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ДА ГИ НАДМИНЕМЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ И ЗАКАНИТЕ НА НОВОТО ВРЕМЕ

0
155

За Центарот за управување со кризи како дел од безбедносниот систем, членството во НАТО е придобивка сама по себе. Можноста за збогатување на знаењата и продлабочување на искуствата, да се тренира и учи под знамето на НАТО значи да се биде дел од интегриран и високо – обучен систем на чија поддршка може да се смета во секое време и во секоја ситуација, рече в.д. директорот на ЦУК Стоајнче Ангелов во обраќањето пред учесниците на Финалната планирачка конференција за реализација на првата „НАТО-ЕАДРЦЦ“ меѓународна вежба што денеска се одржува во Охрид.

Република Северна Македонија, нагласи тој, подготвено ги презеде одговорностите и обврските што произлегоа од полноправното членство во Алијансата, вклучувајќи го и долгорочниот придонес кон регионалната и евроатлантската безбедност и стабилност.

-Стабилна и безбедна држава како полноправна членка на НАТО Алијансата е огромен чекор напред за развојот и просперитетот на нашата земја, но и на целиот регион. Само заедно можеме да ги надминеме предизвиците и заканите на новото време и да се залагаме за вредностите во кои веруваме. Во овој контекст, Центарот за управување со кризи во голема мера се обиде да создаде ефикасен систем за управување со кризи, истовремено обезбедувајќи функционално единство на националните институции, локалната самоуправа, невладиниот сектор и академската заедница, рече Ангелов.

Тој нагласи дека вклученоста во претстојната НАТО вежба би требало да претставува привилегија за сите учесници, бидејќи претставува одлична можност за поддршка на националните власти и градење на нашите капацитети преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, и со тоа ќе се зајакнат националните капацитети за одговор при итни ситуации.

-Размената на достигнувањата и научените лекции од предизвиците со кои глобално се соочуваме, се многу важни компоненти во процесот на планирање на ресурси и поголема подготвеност за превенција и рано предупредување. Во овој контекст би сакал да истакнам колку е важна дигитализацијата на системот за управување со кризи преку НИКС системот “Следна генерација на Инцидент Команд Системот“ во Република Северна Македонија. НИКС како алатка за просторно прикажување на податоците во реално време овозможува брза и ефикасна комуникација и координација помеѓу субјектите при донесување одлуки за ефикасно ракување, целосно и вистинито информирање на медиумите и обезбедување и напредни информации за граѓаните во реално време со зголемување на знаењето за ризик и подигнување на свеста, рече Ангелов додавајќи дека токму претстојната НАТО вежба ќе биде одлична можност да се тестира функционалноста и оперативноста на овој систем.

Денеска во Охрид се одржа Финалната планирачка конференција за вежбата „Северна Македонија 2021“. Таму во периодот од 8 до 17 јуни 2021 се реализираат подготовки за НАТО вежбата „Северна Македонија 2021“ којашто е планирано да се одржи во септември 2021 година на подрачјето на Охрид и Струга.

На денешната конференција воведни обраќања имаа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, координаторот на вежбата од страна на НАТО, Вим Ванхаме, воено аташе Амбасада на САД, полковник Питер Ровел, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и директорот на вежбата од страна на РС Македонија, Урим Вејсели.