Американскиот актер Алек Болдвин изјави дека медиумите ја прикривале вистината за пукањето за време на снимањето на филмот „Рѓа“ („Rust) во кое беше убиена снимателката Халина Хачинс. Болдин ги обвини медиумите дека посакувале да е мртов, а неговиот план е да „разоткрие што навистина се случило“ околу трагичната смрт на Хачинс на филмскиот сет во 2021 година. Актерот зборуваше за тоа во поткаст со неговиот колега Дејвид Духовни, пет месеци откако беа отфрлени обвиненијата за убиство од небрежност против него.
Запрашан за тоа што ќе се случи следно, Болдвин рече: „Не е готово. Сега треба да откријам што навистина се случило“. „Мејнстрим медиумите, како и таблоидите, ја потиснаа и задушуваа секоја приказна што можеше да ми користи и ја засилуваа секоја приказна што може да ми наштети.
Ова се случуваше три години, а вистината за она што се случи никогаш не е кажана“, изјави актерот. Според него, моменталната социјална клима во САД е таква што кога луѓето мразат некого на тоа ниво, тие сакаат три работи. „Прво, тие сакаат да умреш. Второ, тие сакаат да одиш во затвор.
Тие политички толпи сакаат да ги ставаат своите непријатели зад решетки бидејќи затворот е нешто како пекол. Трето, сакаат да те откажат, што е еквивалентно на тоа да си во затвор или мртов, затоа што талкаш по земјата и си невидлив“, рече Болдвин. По трагедијата на снимањето на „Рѓа“, тој беше обвинет за убиство од небрежност, бидејќи пиштолот што го држел испукал куршум, убивајќи ја Хачинс и ранувајќи го режисерот Џоел Соуза.
Соуза се согласи да го заврши филмот подоцна со друга кинематограферка, Бјанка Клајн, во 2023 година, кога беше постигната спогодба меѓу продуцентите на филмот и семејството на Халина Хачинс, а нејзиниот син ќе добие дел од профитот на филмот.