Албанија подготвена да и помогне на Македонија

0
306

Албанскиот државен врв во свое и во име на албанскиот народ изрази длабоко сочувство до семејствата на настраданите во синоќешното невреме и искажа подготвеност да помогне во надминување на состојбите.

„Со голема болка и загриженост ги следиме трагичните случувања во Македонија. Подготвени сме за се што можеме, да им помогнеме на нашите браќа, сестри и соседи“, напиша албанскиот премиер Еди Рама на својот фејсбук профил.

Претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета изјави дека со голема загриженост ја следи состојбата во Македонија.

– Длабоко сочувство и солидарност до сите погодени од невремето, посебно до семејствата на настраданите, и искрени молитви на толку да остане овој трагичен биланс. Од името на Парламентот до населението во овие подрачја и властите во Македонија, во Скопје и Тетово, искажуваме солидарност и секогаш сме до граѓаните на Македонија – изјави Мета, додавајќи дека Парламентот ќе ја поддржи секоја иницијатива на Владата во Тирана за помош.

Сочувство изрази и шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

– Искажуваме целосна подготвеност за подршка на централните и локалните власти на Македонија за надминување на тешката ситуација – изјави Бушати.

Тој, како што соопшти, телефонски разговарал со неговиот македонски колега Никола Попоски, со вицепремиерот Арбр Адеми, како и со градоначалничката на Тетово Теута Арифи.