АКО НЕ СЕ ДОГОВОРИМЕ, ИМАМЕ УСТАВ И ЗАКОНИ, ИЗБОРИТЕ СЕ НА 21 ЈУНИ, ЗА ТОА ПОДДРШКА ДАВААТ БЕСА, ДУИ И ДПА, РЕЧЕ ЗАЕВ

0
353

Заев кажа дека избори треба да има во јуни бидејќи на есен се очекува нов бран на пандемијата кој го најавуваат и од Светската здравствена организација, дека и Србија и Хрватска организираат избори летово, а ние веќе три месеци немаме Парламент и политичка влада.(Фото: СДСМ)

„Сакаме да имаме договор избори да има на 21 јуни, но ако немаме, останува да се почитуваат Уставот и законите во државата, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција во седиштето на партијата за третиот пакет економски мерки на Владата.

Заев кажа дека избори треба да има во јуни бидејќи наесен се очекува нов бран на пандемијата кој го најавуваат и од Светската здравствена организација (СЗО), дека и Србија и Хрватска организираат избори летово, а ние веќе три месеци немаме Парламент и политичка влада.

„Кога во 2008, 21012 и 2014 година ВМРО-ДПМНЕ го распушти Собранието и распиша избори, кој не праша нас тогаш како најголема опозициска партија дали сакаме избори? Сега ние овие избори заеднички ги договоривме, поднесовме пратенички листи, Државната изборна комисија ги прифати, па дури завршивме и со ждребувањето. Не може да има бојкот на изборите, прашањето е дали некој ќе ја бојкотира кампања или не. Не сакаме никој тоа да го прави“, кажа Заев.

На вчерашната втора лидерска средба на политичките партии и претседателот Стево Пендаровски не беше постигнат датум за избори бидејќи ВМРО-ДПМНЕ бараа тие да се одржат кон крајот на август или почетокот на септември, поради состојбата со коронавирусот.