АЕТМ : ВО ПРВИТЕ 9 МЕСЕЦИ ОД 2022, СО МАКЕДОНСКИ КАРТИЧКИ КОН МАКЕДОНСКИ Е-ТРГОВЦИ СЕ РЕАЛИЗИРАЛЕ 17.3 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ, СО РАСТ ОД 20%

0
389

Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на
виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија
во првите девет месеци од 2022 година вкупната вредност на онлајн трансакциите
реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички, изнесува 25.3
милијарди денари (2.8 милијарди денари просечно месечно) што претставува пораст од 28.2% во однос на истиот период минатата година кога се остварила вредност од 19.7 милијарди денари (2.2 милијарди денари просечно месечно). Гледано по месеци, во третиот квартал почнувајќи од јули кога има пораст од 22.6% речиси ист како порастот во јануари, во наредните месеци се намалува и во септември порастот на вкупните онлајн трансакции изнесува 9.4% во однос на истиот месец минатата година.

Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите 9 месеци од 2022 година
остварени се 17.3 милијарди денари и остварен е раст од 20% во споредба со истиот
период минатата година. Она што е забележително како резултат на враќање на животот во нормала е поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци.

Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички и во првите 9 месеци од 2022 година остварени се 7 милијарди денари што преставува раст од 52.3% во споредба со истиот период минатата година. Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од милијарда денари односно остварен пораст во првите 9 месеци од 2022 година од 37.3% во однос на истиот период минатата година. Кон македонските е-трговци се слеале 18.3 милијарди денари остварени од домашни и странски картички во разгледуваниот период што значи пораст од скоро 21% во однос на истиот период минатата година.