Акционерското друштво „Агро Лозар“ од неодамна е во стечај. Веќе три години се обидуваат да ја добијат правната битка со Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, но засега немаат резултат. Од компанија која се одржувала во живот и добро заработувала, сега се пред ликвидација, бидејќи, според нивните обвинувања, не се согласиле да дадат мито, за да продолжат непречено да работата. Оттогаш почнале да тонат, но како што велат не се предаваат и со себе ќе ги повлечат и оние кои ги уништиле. Додека да ја дочекаат правдата, се охрабруваат својата приказна да ја раскажат за „Фокус“, бидејќи се надеваат дека на овој начин ќе ги охрабрат и другите оштетени да прозборат.
Автор: Валентина Стојанчевска
Рекетот на кој се изложени фирмите, за да можат нормално да функционираат, со години е јавна тајна. Тие ќе ја „освежат“ партијата, локалниот или државниот функционер, а потоа ќе продолжат со работата. Оние, пак, што ќе се спротивстават и ќе одбијат да платат, се соочуваат со секојдневни инспекции, глоби и притисоци, поради кои најчесто самите ставаат клуч на врата. Или ќе платиш или ќе те нема. Шемата е добро позната, но ретко кој се осмелува за тоа да проговори јавно, или да се осмели да пријави.
Неодамна, од презентираните прислушувани разговори, кои ги објави СДСМ, јавноста имаше можност да слушне како и владини функционери зборуваат за рекетот кој го вршат нивни соработници. Поточно, пратеничката Силвана Бонева го информира премиеротНикола Груевски дека нивен сопартиец рекетирал фирми во Струмица за време на изборната кампања. Бонева му кажува на Груевски дека рекетот во градот почнал кон средината на кампањата и дека „нема фирма што не е изрекетирана во Струмица“, на што Груевски вели дека нема информација, но истовремено бара и појаснување за тоа што Бонева подразбира под рекет, па прашува:
„Дали они барале спонзорство? Рекетот е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш, ако можеш помогни ми“, вели Груевски.
Бонева му одговара: „Со се. Со закани, со закани и со таксување на најневозможни нешта за зимање пари. Со се и сешто. Нема човек што не е изрекетиран“.
Според она што го тврди Бонева на снимката, на фирмите најпрво им се барале пари во евра, за да на крајот им се бараат по 50.000 денари.
Сума од 50.000, но не денари, туку евра, им била побарана и на нашите соговорници, кои откако одбиле да платат се соочиле со проблеми кои не можеле ниту да ги замислат. Од успешна десетгодишна работа и заработувачка, остануваат без скршен денар, заглавени до гуша. Веќе три години се влечкаат по полициски станици, обвинителство и судовите, барајќи ја правдата, но веќе се надзира крајот. Нивната фирма е во стечај, а борбата веќе е безнадежна.
Сепак велат дека нема да замолчат, туку напротив сакаат да зборуваат јавно за да сите слушнат, како што велат, за криминалот кој го тресе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Н:„АГРО ЛОЗАР“: ВРАБОТЕН ВО МИНИСТЕРСТВОТО НИ ПОБАРА МИТО!
Се почнало во 2001 година кога Акционерското друштво „Агро Лозар Богданци“ склучило 30 годишен договор за закуп на земјоделско земјиште, со површина од 634 хектари, со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Речиси десет години оваа акционерско друштво немало никаков проблем, туку секоја година вршеле успешна берба на лозовите насади. Работите, според нашите соговорници, се заплеткуваат во 2011 година, во времето кога министер за земјоделие е Љупчо Димовски, а заменик министер Зоран Коњановски. Тогаш од вработен во министерството добиваат неочекувано барање.
-За да продолжиме да функционираме како и до сега, од вработен од министерството ни беше побаран рекет од 50.000 евра. Кога одбивме да платиме, тогаш почнаа нашите проблеми, односно почна узурпацијата на земјиштето со амин на министерството, објаснува доскорашниот управител на „Агро Лозар Богданци“, Зоран Пеев.
Од Управниот одбор на Акционерското друштво велат дека многу добро го знаат човекот кој им побарал мито, но не можат јавно да го посочат со име и презиме, бидејќи, за жал, немаат докази. Инаку, тврдат дека истиот човек бил вмешан во многу коруптивни зделки, што се познавало и по наглото зголемување на неговата имотна состојба.
Тие за „Фокус“ раскажуваат дека на 27 јуни 2011 година од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој добиваат привремено решение за одобрување на барањето за финансиска поддршка за одржување на постоечките лозови насади за претходната година. Со овие пари, или 46.000 евра, тие решаваат да ја платат закупнината за земјиштето, односно да се направи пребивање на трошоците кои ги должат на министерството. Сепак, набрзо дознаваат, дека истиот ден кога им е одобрена финансиската помош, министерството еднострано го раскинува договорот за закуп, одлука која никогаш не ја добиваат црно на бело, а како причина се наведува неплатената закупнина. Сепак, по четири дена, министерството како да се предомислува, па и покрај раскинатиот договор, склучен е договор за цесија помеѓу „Агро Лозар“, Министерството и Агенцијата.
–Со овој договор одлучено е дел од средствата кои Агенцијата треба да му ги испати на „Агро Лозар“ по основ на субвенции, да се пренасочат кон Министерството за земјоделие и да служат како закупнина, велат нашите соговорници, кои додаваат дека на 13 декември 2011 година се носи ново решение за одобрување за исплата на средствата за финансиска поддршка, а по два дена Агенцијата ја извршува уплатата кон државата, согласно договорот за цесија.
На почетокот на наредната година, иако уплата за закупнината е извршена, Агенцијата испраќа список до Министерството за земјоделие на кој се набројани правни лица за кои требало да исплати надомест, наместо закупнина, во 2011 година, но најавува дека тоа ќе го стори во текот на наредната година, а на листата е и АД „Агро Лозар“.
Тогаш според нашите соговорници почнува планот за нивно уништување, а крајната цел е некој друг да завладее со оваа огромна површина, вредна цело богатство.
Н:ЗЕМЈИШТЕТО НЕЗАКОНСКИ СЕ ДАВАЛО ПОД ЗАКУП?
Тие објаснуваат дека на почетокот на февруари 2012 година, започнува криминалот кој го врши Министерството за земјоделство, бидејќи распишува јавен оглас со кој нуди под закуп 95 хектари од земјоделско земјиште, на кое има засадено трајни лозови насади уште од 1991 и 1996 година, а се во владение на „Агро Лозар“. Според нивни информации, раководител во министерството најпрвин одбил да ги објави огласите, бидејќи сметал дека се незаконски, поради што бил преместен на работно место во друг град.
По еден месец, на нивното земјиште почнуваат да се шетаат други закупци, бидејќи германската фирма „Таурус Фармс“ се јавува на огласот и добива 64 хектари, а претпријатието ЗТД „Сточарство“, 28 хектари земјиште. Во периодот што следува министерството продолжува да распишува огласи за давање под закуп, а фирмата „Таурус Фармс“ добива уште 59 хектари. По неа се множат и други закупци, десетина приватни и физички лица.
По новите договори за закуп почнуваат и сериозните проблеми за „Агро Лозар“. Тие пријавуваат уништување на дел од лозовите и вишновите насади, кражба на грозјето, што резултира со материјална штета од десетици илјади евра.
-Тогаш почнуваат обидите незаконски да не примораат да се повлечеме од земјиштето. На почетокот на 2013 година Агенцијата носи решение, кое не е доставено до нас, а со кое се бара да ја платиме закупнината за 2010 и 2011 година и да го отстраниме целокупниот лозов насад поради раскинатиот договор за закуп. Истиот ден ни изрекуваат и шест различни глоби. До денеска состојбата не е променета. Годинешната берба ни пропадна, со што се предизвикани огромни материјални штети, вели управителот Пеев, кој додава дека додека ја водат оваа битка, тој е подложен и на голем број притисоци, бидејќи во овој период против него се поднесени дури седум кривични пријави.
Тој објаснува дека од министерството прават неколку незаконски дејствија, со одлуката земјоделското земјиште повторно да го дадат под закуп. Најпрвин истакнува дека земјиштето е огласено како слободна површина, иако добро знаат дека на него веќе има лозови насади кои се евидентирани како основни средства на АД „Агро Лозар“. Потоа реагира дека новите закупци ниту имале доволно механизација ниту персонал за да им се доделат земјиштата, а дел од нив биле персонално и капитално поврзани правни и физички лица.
-Се сомневаме дека зад германската фирма „Таурус Фармс“ стои висок функционер од власта, кој сака да го приграби земјиштето за себе. Не е можно странска фирма да се впушти во зделка каде што ситуацијата не е чиста, велат од Управниот одбор на „Агро Лозар“.
Тие тврдат дека оваа фирма им уништила околу 60 хектари лозов насад и столбови, што е штета од 600.000 евра, како и 50 хектари со вишнов насад, за што повеле спор и го добиле на суд.
Од германската фирма „Таурус Фармс“, до затворањето на неделникот не добивме одговор на нашите прашања кои им ги испративме по електронска пошта.
Според податоците од Централниот регистер, фирмата во Македонија е основана во септември 2010 година, во Богданци, со паричен влог од 5.000 евра. Како сопственик и управител е посочен извесен Томас Шфарц од Германија. Во 2013 паричниот влог достигнува 800.000 евра, а како сопственик се додава и компанија од Минхен, а нешто подоцна се јавува и компанија содружник од Малта.
Одговор за обвинувањата за незаконско постапување и за барањето на рекет, не добивме ниту од Министерството за земјоделство.
Н:НЕЗАКОНСКИ ДОДЕЛЕНИ 400.000 ЕВРА ЗА СУБВЕНЦИИ
Откако влегуваат новите закупци, на „Агро Лозар“ од крајот на октомври 2012 година му се оневозможува и да поднесе барање за добивање на субвенции за одржување на лозовите насади, а се бришат и нивните имотни листови од евиденцијата на Катастарот. Од друга страна, пак, појаснуваат дека според нив, новите закупци незаконски добиваат субвенции, во вкупна вредност од околу 400.000 евра.
–Овие лица примаат субвенции иако ниту ги примиле насадите и земјиштето во владение, затоа што лозовите насади се сопственост и основни средства на „Агро Лозар“, не ги обработуваат затоа што ние ги обработуваме, но со присуство на рекетари вршат насилно одземање на плодовите, а полицијата не интервенира за да ја спречи класичната кражба. Уште пострашно е што субвенциите ги земаат за подигање на лозови насади, а насадите веќе со години се подигнати. Не сфаќаме како е можно, некој да краде од државниот буџет, и да не одговара. Ова се граничи со апсурд, велат од Управниот одбор.
Средствата кои државата ги издвојува за земјоделските субвенции од 2008 година наваму се зголемија за повеќе од три пати, односно ако за оваа намена пред седум години се издвојувало по 45 милиони евра годишно, за годинава се планирани 150 милиони евра, по колку што е планирано да се издвојува за субвенции секоја година до 2020. Со зголемувањето на субвенциите требаше да се намали увозот на храна, но сепак ни се случува спротивното. Увозот на земјоделско- прехранбени производи пораснал за 120 милиони евра од 2008 до 2013 година.
Поради неочекуваниот пресврт, но и ваквите обвинувања, се наметнува прашањето, дали тогаш субвенциите завршуваат во вистински раце? Досега опозициската СДСМ, но и самите земјоделци, обвинуваа дека дел од субвенциите се делат по партиска линија, во сосема погрешни раце, кои во животот не фатиле мотика.
Земјоделците објаснуваат дека партиската распределба на субвенциите се гледа и од начинот на нивната исплата. Велат дека предност се дава на партиски активните земјоделци, па така нив субвенциите им се исплаќаат порано, од други кои аплицирале во исто време. Дел пак воопшто не ги добиваат парите, поради изнаоѓање на некаква банална грешка или проблем.
Ристо Велков, претседател на регионалниот Сојуз на земјоделци, вели дека и тој слуша секакви обвинувања, но како што вели, единствено со сигурност може да каже дека доцни исплатата на субвенциите, кои многу ретко се исплаќаат во тековната година.
Н:И МВР СЕ СОМНЕВА ЗА ИЗВРШЕН КРИМИНАЛ
Од „Агро Лозар“ истакнуваат дека сиот криминал веќе три години е во рацете на обвинителството, до каде што поднеле кривични пријави, но од таму не слушнале ниту глас. Сепак, лани, но и годинава, со неколку кривични пријави излегоа и од полицијата. Па така, на крајот на 2014 година, од полициската станица Гевгелија информираа дека поднеле кривична пријава до обвинителството во Велес против 16 граѓани, од кои осуммина вработени во Министерството за земјоделство, за злоупотреба на службената положба и овластување, и против пет правни лица, за незаконско земање на субвенции. Во пријавата е наведено дека пријавените го оштетиле државниот буџет за речиси 70.000 евра. Еден од пријавените е и Митко Басов, поранешен раководител на Секторот за регистрирање и управување со земјоделско земјиште, против кого и од „Агро Лозар“ поднесоа кривична пријава.
Во пријавата се наведува дека вработените во министерството овозможиле да се склучат 19договори за долгорочен закуп на земјиште кое веќе било дадено под закуп на „Агро Лозар“.
„Врз основа на така добиените потврди како и склучените Договори за закуп и Записници за воведување во владение, им било овозможено на закупците на земјоделско земјиште да аплицираат и добијат субвенции во вкупен износ од 4.282.395 денари, односно да се стекнат со противправна имотна корисна штета на Буџетот на РМ и тоа за одржување на лозов насад за 2012 и 2013 година, иако тој лозов насад е подигнат 1991 и 1996 година, што значи пред склучувањето на договорите“, се наведува во кривичната пријава.
Во јуни годинава поднесена е уште една кривична пријава против четворица вработени во министерството, и тоа за истата ситуација, односно дека овозможиле земјиштето повторно да се даде под закуп, а новите закупници си земале и субвенции.
Фирмата „Агро Лозар“ во моментот е во стечај. Во мај била отворена пред стечајната постапка, а експресно следел и стечајот, поради што имаат забрана за пристап до земјиштето, а не смеат ниту да склучуваат договори за берба на годинешниот род. Тие дури и сакале да ги подмират долговите, но не им било дозволено. Па така, немаат друг избор, туку да гледаат како дел од грозјето пропаѓа, а дел како го берат новите закупци.
Сепак истакнуваат дека нема да се откажат од правната битка, и најавуваат дека случајот ќе го водат до Судот за човекови права во Стразбур. Свесни се дека дотогаш се ќе загубат, но велат дека граѓаните мора веќе еднаш да слушнат како функционира нашата држава. Искрено се надеваат дека нивната неславна приказна ќе ги охрабри сите оние кои се во слична ситуација, да прозборат и да пријават, бидејќи не им бега она што и самиот премиер го вели „ако не ми дадеш, ќе те затворам“.
Н:СДСМ: Ќе го чешламе криминалот во Министерството за земјоделие
Од СДСМ предупредуваат дека од неодамна во распределбата на земјоделското земјиште сега директно се вмешала и Владата, бидејќи по објавувањето на огласите распишани од Министерството за земјоделство, понудите отсега ќе се доставуваат до Генералниот секретаријат на Владата.
–Стигна директно признание од кај Никола Груевски дека распределбата на државното земјиште ја злоупотребуваат за партиски цели. Кога стана јасно дека ќе има преодна влада, а Министерството за земјоделство ќе мора да биде еден од ресорите под контрола од злоупотреби, на 15 јуни направени се измени во Законот за земјоделско земјиште. Со тие измени, водечката улога на министерството за земјоделство во распределбата на земјиштето е префрлена на Владата, велиТатјана Прентовиќ, претседателка на Комисијата за земјоделство на СДСМ.
Прентовиќ објаснува дека министерот го распишува јавниот оглас, а по добиена согласност од Владата, договорот сепак го склучува министерот.
–Оттаму, јасно е што бараат понудите во Генералниот секретаријат на Владата. Уреден е упад на Генералниот секретаријат на Владата во ингеренциите на Министерството за земјоделство. Доставувањето на понудите до Владата јасно и без затскривање покажува дека земјоделските државни површини се кројат и се делат партиски, вели Прентовиќ, која додава дека СДСМ по именувањето на новиот заменик министер во ресорот земјоделство, тој ќе направи контрола на сите, како што вели, малверзации на Груевски и неговата власт и ќе ги преземе потребните чекори.
Автор: Валентина Стојанчевска
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.