САД имаат цврсти докази за влијанија на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети во судски процес за екс шефот на УБК – Мијалков и истите се достапни, само треба македонските институции да постапат, порача денеска американската амбасадорка Анџела Агелер..
Агелер не откри дополнителни информации за тоа која точно била улогата на Груби и Беџети во случајот со Мијалков, но вели ако можеле американските истражители да дојдат до докази можат и македонските органи.
„Не мора ние да даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции. Имате Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, Обвинителство, имате судии и мислам дека луѓето во оваа земја сакаат да видат резултати. Ние не можеме да ги контролираме властите што ќе направат. Но, очекуваме да има чекори во таа насока.“ – Анџела Агелер амбасадарка на САД.
Според соопштението од Вашингтон се работи за вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судски процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на УБК Сашо Мијалков.
Агелер рече дека се разгледуваат и дополнителни санкции за Груби и Беџети поврзани со нивните финансиски трансакции, а најави и нови имиња на црната листа.
Извор – 24ТВ